Мистериозниот веб-сајт промовиран во пандемијата рашири збунетост низ светот

238

Шпанскиот премиер Педро Санчез осамен на говорницата, задлабочено концентрирајќи се пребаруваше низ белешките, правејќи пауза за да погледне кон мониторот пред него, додека се обидуваше да одговори на прашањето поставено од новинар на Си-ен-ен преку видеоврска, на 28 април. Кога го даде одговорот тој погледна директно во камерата за да го истакне обемот на тестирање за ковид-19 во Шпанија, објавува Си-ен-ен.

– Ние сме една од државите со највисок број на спроведени тестови – кажа Санчез.

Тој првично ги цитираше податоците од рангирањето на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) кое ја постави Шпанија на осмо место според бројот на извршени тестирања за ковид-19 меѓу нејзините членки (ОЕЦД всушност изврши корекција на овие податоците два часа пред прес-конференцијата на Санчез, како што наведува Си-ен-ен).

„Денеска, најдовме друга студија од универзитетот „Џонс Хопкинс“ според која сме рангирани на петтото место во светот според спроведените тестови – додаде шпанскиот премиер.

Но, имаше два проблема. Податоците на ОЕЦД беа погрешни. А додека одредени извори ја рангираа Шпанија на петтото место според извешените тестирања, „Џонс Хопкинс“ не беше меѓу нив. Студијата која Санчез ја цитираше беше непостоечка.

А сепак, шпанската влада го поддржа тврдењето на нејзиниот премиер. Наместо да го цитираат „Џонс Хопкинс“ шпанските власти сега посочуваат рангирање за тестирањата од агрегаторот на податоци наречен „Ворлдометер“ – еден од изворите што стои зад нашироко цитираната универзитетска база на податоци за коронавирусот, отворајќи прашања зошто некои влади и почитувани институции решија да имаат доверба во малку познат извор. И британската влада го цитираше „Ворлдометер“ на прес-конференциите во поголемиот дел од април, пред да се префрли на податоците на „Џонс Хопкинс“.

Пандемијата ја зголеми популарноста на „Ворлдометер“. Во изминатите шест месеци, нејзините страници беа споделени околу 2,5 милиони пати, што е значително зголемување во однос на 65-те споделувања во првите шест месеци од 2019 година.

Пред пандемијата „Ворлдометер“ беше позната по нејзините „бројачи“ кои нудеа процена во реално време за статистички податоци како што се светската популација или бројот на произведени возила годинава. На интернет-страницата е наведено дека нејзиниот приход доаѓа од реклами и од лиценцирање на нејзините бројачи. Кризата на ковид-19 несомнено ја зголеми нејзината популарност. Страницата е меѓу водечките според пребарувањето на Гугл во врска со резултати за коронавирусот.

Страницата тврди дека е управувана од „меѓународен тим на истражувачи и волонтери и објавувана од страна на мала и независна компанија за дигитални медиуми со со седиште во САД“.

– Но јавните податоци покажуваат малку докази за компанија која вработува тим на аналитичари и истражувачи. Не е јасно дали компанијата плаќа за проверка на точноста на нејзините податоци или се потпира исклучиво врз автомататизацијата и информациите собрани преку Интернет. Страницата има наведено само една слободна позиција од октомври, барајќи волонтер веб-девелопер – се наведува во анализата на Си-ен-ен.

Некогаш позната како „Ворлдометерс“ интернет-страницата беше првично основана во 2004 година од Андреј Алиметов, тогаш 20-годишниот доселеник од Русија, кој штотуку се вработил во ИТ-секторот во Њујорк.

– Тоа е супередноставен веб-сајт. Нема ништо лудо во врска со него – кажа неодамна Алиметов во изјава за Си-ен-ен, додавајќи дека страницата имала 20 до 30 илјади посети секојдневно, во првата година, но нејзиното одржување чинело скапо.

Денешниот „Ворлдометер“ е ист со првичната верзија, освен што ја нема буквата „с“ на крајот. Страницата е во сопствеништво за компанијата „Дадакс“ основана во Делавер, САД. Претставниците на „Ворлдометер“ и „Дадакс“ не одговориле на барањата на Си-ен-ен за интервју.

Според „Ворлдометер“ нејзините податоци за ковид-19 доаѓаат од тим што ги „следи објавите во медиумите во текот на денот“ и преку Интернет. Посетителите можат да известат за промената на бројките за ковид-19 и за извори на податоци, без оставање на името или на мејлот. Тимот на „аналитичари и истражувачи“ потоа ги оценуваат податоците, како што се тврди на страницата. Можеби ова звучи како Википедија за статистички податоци, но дел од администраторите на Википедија одлучија да го избегнуваат „Ворлдометер“ како извор за ковид-19. Мислењата за кредибилноста на „Ворлдометер“ се поделени, со што некои експерти со кои контактираше Си-ен-ен сметаат дека зад објавите нема извори или оти податоците не се совпаѓаат со изворите, а други пак, тврдат дека се веродостојни.