Меркел загрижена поради новиот вид коронавирус, бара итна реакција

92

Бројот на лица заразени со коронавирус во Германија надмина два милиони, додека бројот на смртни случаи од последиците од оваа инфекција достигна речиси 45.000. Експертите го објавија тоа еден ден откако канцеларката Ангела Меркел побара брза реакција со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

Според Институтот „Роберт Кох“, бројот на нови случаи се зголемил за 22.368 на 2.000.958, пренесува „Ројтерс“.

Тоа е најмало зголемување на бројот на заразени по повеќе од два месеца, а состојбата во одделите за интензивна нега исто така е малку подобрена.

Сепак, големиот број смртни случаи, од кои денес има 1.113 лица, и загриженоста за појавата на заразни видови коронавирус ги зголемуваат стравувањата дека постојните мерки на заклучување нема да успеат.

Рекорден број смртни случаи од последиците од коронавирусот беа регистрирани во Германија вчера – 1.244, а од почетокот на пандемијата починаа речиси 45.000 луѓе, пренесува „Ројтерс“.

Германски „Билд“ вчера објави дека канцеларката Ангела Меркел размислува за воведување на најстрого заклучување поради пандемијата на коронавирус, што би значело целосно затворање на земјата.