Меркел бара затворање на границите и забрана за патување

102

Германската канцеларка, Ангела Меркел, за време на состанок на раководството на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) се заложила за можност за целосна забрана за патување со цел да се намали бројот на новозаразени, пренесуваат германските медиуми.

– Работата ни излегува надвор од контрола. Мора да ги заостриме мерките или за 14 дена ќе бидеме повторно таму каде што бевме. Не можеме ли да го забраниме патувањето – рекла Меркел за време на видеоконференција со водечките политичари на ЦДУ во сојузните покраини, известува дневникот „Билд“ повикувајќи се на информации од учесниците на состанокот.

Меркел го посочила фактот дека за време на божикните празници 50.000 Германци дневно патувале на Канарските Острови и Малдивите.

– Треба да го разредеме воздушниот сообраќај, така што ќе не може да се оди никаде – рекла Меркел според учесниците на состанокот, а истовремено ја споменала можноста за затворање на границите, како што беше случај минатата пролет.

На истиот состанок таа го довела во прашање ублажувањето на мерките за зклучување по 15 февруари. Како причина за сè уште тешката состојба, и покрај падот на бројот на новозаболени, Меркел го навела појавувањето на новиот мутиран коронавирус, кој се шири со многу побрзо темпо.

Доколку дојде до олеснување на мерките по средината на февруари, Меркел смета дека првин треба да се отворат градинките и училиштата, па малопродажбата и на крајот угостителските објекти.

Строги мерки на затворање се на сила во Германија до средината на февруари, вклучително и забрана за работа на речиси сите малопродажни, угостителски, културни и спортски објекти.