Меркел: Ако продолжи овој тренд, ќе имаме над 19.000 случаи дневно

165

Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека дневниот број на новозаразени со коронавирус би можел да достигне до 19.200 случаи, ако продолжи сегашниот тренд, но таа објасни како мора да се одржи работата на економијата, пренесе германски „Билд“.

Бројот на нови случаи расте во изминатите недели во Германија. Според податоците од институтот Роберт Кох, во земјата денеска имало 1.192 нови случаи на коронавирус во однос на претходниот ден.

– Ако продолжи сегашниот тренд, ќе имаме 19.200 случаи дневно, тоа е слично како во другите земји – рекла Меркел на видеоконференција со врвот на нејзината партија.

Според пишувањето на весникот, кој се повикува на неименувани извори, канцеларката оценила дека е загрижувачки тоа што има порастот на заразата во Европа, нагласувајќи дека Германија мора да направи се што може за да избегне повторен експоненцијален раст на вирусот.

– Мораме брзо да ја сузбиеме инфекцијата и да интервенираме. Мора да поставиме приоритети, одржување на работата на економијата и отворени училишта и градинки. Фудбалот сега е во втор план – истакнала Меркел.

„Билд“ додава дека според Меркел проблематични се одржувањето прослави, како и посетата на рестораните и верските настани.