Мелбурн останува под строги мерки и покрај незадоволството на граѓаните

197

Жариштето на епидемијата на коронавирусот во Австралија сè уште е во државата Викторија, каде бројот на нови случаи не се намалува со очекуваното темпо по цели пет недели на строги мерки, па затоа денеска беше донесена одлука за продолжување на вонредните мерки до крајот на септември.

Премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус денеска го продолжи времетраењето на строгиот режим до 28 септември и претстави план за постепено ублажување на ограничувањата во следните два месеца, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Мерките од четврти степен во Мелбурн, кои требаше да завршат на 12 септември, го затворија поголемиот дел од економијата и го ограничија движењето на луѓето на пет километри околу домовите по еден час дневно, а пропишаа и ноќен полициски час.

– Засега, не смееме да ги олеснуваме рестриктивните мерки затоа што многу брзо би ја загубиле контролата – соопшти Ендрјус на прес-конференција.

Викторија е епицентарот на вториот бран на епидемијата и во овој момент има 75% од вкупниот број на заразени лица во Австралија.

Австралиската полиција вчера уапси десетици лица на протестите во Мелбурн против строгите мерки за борба против коронавирусот.

Протести се одржаа и во Сиднеј, Бризбејн, Аделаида и Перт.

Иако се очекуваше премиерот на Викторија денека да објави олабавување на некои мерки, тој одново повика на претпазливост.