Лондонски автобуси пренаменети во амбуланти за да го олеснат транспортот на пациенти

53

Лондонскиот медицински персонал се подготвува да превезува пациенти користејќи два лондонски автобуси кои се пренаменети во импровизирани амбуланти, со што би се олеснил транспортот на пациенти, пренесува „Гардијан“.

Повеќето седишта во овие еднокатни автобуси се отстранети така што секој од нив може да превезува по четири пациенти, како обид да се намали притисокот врз болниците и лондонската служба за брза помош.

Автобуската компанија „Го-Ахед“ која е сопственик на автобусите ги позајми на здраствените власти на Лондон за да помогне во пренесувањето на пациентите, вклучително и во повторно отворената полска болница во Лондон „Најтингел“.

Тие ќе бидат екипирани од лекари и медицински сестри кои работат на интензивна нега, како и волонтери од „Сент Џон“ добротворната организација за прва помош и амбуланта.

Компанијата „Го-Ахед“ обезбедила четири возачи за автобусите кои се прилагодени така што виталната медицинска опрема, вклучително и инфузионите пумпи и мониторите, може да се користи за да се одржат пациентите стабилни и да се набљудува нивната состојба. Сите се вакцинирани против коронавирус. „Го-Ахед“ била преплавена со понуди од своите возачи за помош.

Автобусите исто така ќе имаат кислород и ќе можат да го даваат на пациентите на кои им е потребен. Електричните возила ќе можат да ја полнат медицинската опрема од своите батерии.