Лекувањето со крвна плазма на пациенти со коронавирус дава слаби резултати

169

Употребата на таканаречената конвалесцентна плазма или антитела од крвта на пациенти кои оздравеле од ковид-19 како потенцијален третман за хоспитализирани пациенти со коронавирус, покажа мала корист, според клиничко испитување спроведено од индиски научници.

Резултатите од студијата објавена во British Medical Journal (BMJ) сугерираат дека употребата на крвната плазма не успеала да ја намали стапката на смртност или да запре развој на потешка болест, пренесува „Гардијан“.

Резултатите од студијата спроведена на повеќе од 400 хоспитализирани пациенти со ковид-19 не одат во прилог на досегашните податоци за лекување со крвна плазма кои американскиот претседател Доналд Трамп во август ги нарече „историски напредок“.

Други земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, како и Македонија, собираат донирана плазма така што, доколку се покаже ефикасна, може да се користи кај поголем број пациенти.

– Нашата студија покажа одреден, иако слаб ефект кога станува збор за брзината со која пациентите успеаја да се ослободат од вирусот, но оваа постапка не беше доволна за да се каже дека е забележано значително закрепнување на пациентите од оваа болест. Ние едноставно не забележавме клиничка корист кај пациенти кои ги лекувавме со крвна плазма – рече Сајмон Кларк, експерт за клеточна микробиологија на британскиот универзитет во Ридинг.

Индиски научници ја спровеле студијата врз 464 возрасни лица со ковид-19 со умерен интензитет, кои биле примени во болниците низ Индија помеѓу април и јули. Пациентите биле поделени во две групи – едната примила две трансфузии на крвна плазма со вообичаена медицинска нега, а втората група имала само вообичаена медицинска нега.

Истражувачите утврдиле дека по една недела крвната плазма подобрила некои симптоми, како што се отежнато дишење и замор, што резултирало со поголема стапка на она што е познато во медицината како „негативна конверзија“, знак дека антителата неутрализираат вирус.

Сепак, примената на плазмата во следните 28 дена не резултирала со намалување на смртните случаи ниту успеала да го спречи развојот на потешки симптоми на болеста.

– Слабото делување на плазмата во оваа студија е разочарувачка за нас научниците, но не е во целост изненадувачка – рече Јан Џонс, професор по вирусологија на Универзитетот во Ридинг.

Тој верува дека плазмата е поефективна доколку се инјектира кратко време откако пациентот ќе се зарази со ковид-19.

Затоа ги повикува своите колеги и другите научници ширум светот да не се откажуваат, туку да продолжат со спроведување на студии со плазма како потенцијален третман на ковид-19, но да им го даваат на ново дијагностицираните пациенти.

– Сè уште немаме доволно достапни третмани во рана фаза за да спречиме развој на потешки последици, и сè додека тоа не стане опција за нас, клучно е да се обидеме да избегнеме инфекција со коронавирус – рече Џонс.