Ковид-19 стана фигура ловец во стратегиската партија шах

441

И покрај декларативните најави од НАТО за помош и поддршка на земјите-членки во справувањето со пандемијата, нема сигнали за релаксирање на обврската за достигнување на целта 2 отсто од националниот БДП на земјите-членки да се издвојуваат за одбрана и пренасочување на тие средства во здравството и во економијата. А нема застој ниту за стратегиските планови на Алијансата…

Приоритетите на НАТО остануваат приоритети и покрај пандемијата

На 15 април, НАТО одржа вонреден онлајн-состанок на кој единствената точка на дневниот ред беше пандемијата на ковид-19, што ја водеше генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Но сепак, во најмала рака, чуден беше главниот лајтмотив на онлајн-состанокот, извлечен според изјавите на Столтенберг. Имено, тоа беше „загриженоста на Алијансата поради лажните вести и информации, кои, како што изјави, ги лиферуваат државни и недржавни институции за да внесат раздор меѓу земјите-членки“. Затоа, според него, потребно е сојузниците да соработуваат за да се разоткријат и спречат таквите влијанија. Рака на срце, Столтенберг потсети дека „НАТО е активно уште од почетокот на кризата, придонесувајќи за превенција и борба против ковид-19“. За издвојување е тоа што на состанокот учествуваше и македонската вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Нема застој за остварување на стратегиските интереси

Очигледно, големите НАТО-сили не отстапуваат од своите стратегиски интереси и во време на глобална пандемија. Интересен е ставот на аналитичарите на глобалните процеси, кои сѐ почесто и погласно констатираат дека „борбата со коронавирусот се користи како добар изговор за реализацијата на токму тие стратегиски интереси“. Има и уште еден интересен факт во рамките на корона-кризата… И покрај декларативните најави од НАТО за помош и поддршка на земјите-членки во справувањето со пандемијата (засега помошта најмногу е насочена во борба со хибридните закани – ширење лажни вести и информации од Русија и од Кина), од НАТО и понатаму нема сигнали за „релаксирање“ на обврската за достигнување на целта 2 отсто од националниот БДП на земјите-членки да се издвојуваат за одбрана – односно за модернизација на одбранбената инфраструктура и вооружувањето.

Членките на Алијансата, особено оние посиромашните, во контекст на падот на националните економии, најавија низа рестриктивни мерки што влегуваат во доменот на соработката со НАТО. Имено, во Бугарија, веќе се појавија предлози за откажување на договорот за купување авиони ловци „ф-16“, и тие пари (околу 1,1 милијарда долари) да се вратат во економијата, пред сѐ во здравствената заштита. Предлогот е од поранешниот бугарски министер за внатрешни работи, Румен Петков, кој својот предлог го аргументирал со реторичкото прашање: „Треба да се запрашаме што ни е потребно: респиратори, тестови или некои авиони што ќе пристигнат откако ќе помине коронавирусот?“

Какви се размислувањата на нашето МО?

До македонското министерство за одбрана упативме прашање дали размислува или има упатено предлог до Владата, дел од планираните средства во буџетот за одбрана да бидат пренаменети во други економски сектори, како мерка за надминување на економскиот дефицит што се очекува од корона-кризата. Одговор засега, сепак, не пристигна.

Воени корона-потези на светската табла шах

Зад сцената на „војната со коронавирусот“, не стивнуваат некои однапред испланирани стратегиски интереси на големите членки на НАТО. На пример, како ја толкуваат аналитичарите вистинската причина на последната француско-британска хуманитарна експедиција на Карибите? Имено, двете најголеми европски воени сили на НАТО, тргнаа со воени бродови кон своите прекуморски територии, кои „би требало да послужат во борба против ширењето на пандемијата“. Францускиот амфибиски брод „Диксимуд“, веќе на 3 април се упати кон Француска Гвајана (француска национална територија, Антили-Гвајана), во рамките на операцијата „Еластичност“ (Résilience), која претседателот Макрон ја дефинираше како „воена операција без преседан“, во контекст на „војната со коронавирусот“.

Во прв план беше ставена (секундарната) функција на бродот болница, кој располага со 69 кревети, вклучувајќи 7 за интензивна нега. Но примарно се работи за вооружена амфибија за напад, „чудовиште“ со должина од 200 метри и со палуба/писта од 5.000 квадратни метри. Кога еднаш ќе се најде близу непријателскиот брег, има можност да биде извршен јуриш со десетина хеликоптери, да истовара возила со воени единици и оклопни возила. Слични карактеристики, иако во помал обем, го одликуваат и британскиот брод „РФА Аргус“, кој исто така под изговорот „војна против коронавирусот“, на 2 април запловил кон Британска Гвајана.

Значи, „Диксимуд“ и „РФА Аргус“ примарно не се болнички, туку борбени бродови. Првиот е амфибиски носач на хеликоптери, вториот на контејнери. Двата носача се вооружени, па не можат да дејствуваат под заштита на Женевската конвенција за здравствени служби. Тие пристигнуваат во оние исти карипски води во близината на Венецуела, во кои со најмодерни пловила во исто време пристигна и американската воена морнарица со илјадници маринци. Оваа армада тешко дека пристигна таму заради „запирање на ширењето на пандемијата“, туку со официјална причина – „со поморска блокада да се блокира трговијата со дрога“.

Повторно меѓусебни обвинувања меѓу НАТО и оние што не се членки на Алијансата

Имено, американскиот претседател Трамп го обвини претседателот на Венецуела, Мадуро, дека ја „користи кризата со коронавирусот за интензивирање на трговијата со дрога, со помош на која ја финансира својата наркодржава“. Аналитичарите главно се согласуваат со тезата дека вистинската цел на американската операција, која ја поддржува НАТО (значи речиси сите Европејци): посилно да се затегне ембаргото и конечно сосема да се задуши економијата на Венецуела (држава со најголеми резерви на нафта во светот), а благодарение на пропагандата за коронавирусот, ситуацијата секојдневно дополнително се влошува.

Втората цел е соборување на претседателот Мадуро… Затоа, не е исклучена можноста за предизвикување воен инцидент во Карипско Море, кој би послужил како повод за инвазија на таа држава богата со нафта. Кризата со коронавирусот создаде поволни меѓународни услови за операција од таков вид, која би можела да биде претставена како „хуманитарна“.

Коронавирусот како параван за воени верижни реакции

Директорот на угледниот истражувачки институт Л’ИРИС, Кристоф Вентура, констатира дека „Доналд Трамп, соочен со сопствената неизвесна политичка перспектива (краткорочно и долгорочно) се убедил себеси дека од ’двобојот‘ со Мадуро мора да излезе како победник, пред ноември 2020 г. И доколку е неопходно, ќе ги преземе ризиците што ги носи предизвикувањето воени инциденти во карипските води и на небото, па дури и во близината на границата на Венецуела со соседите (особено со Колумбија и со Бразил), што би можело да предизвика опасна верижна реакција“.