Ковид-19 го онеспособи бродот, а американската морнарица го „уби гласникот“

213

Стотици морнари на американскиот носач на авиони „Теодор Рузвелт“ извикуваа „капетан Крозиер“, додека нивниот претпоставен Брет Крозиер се збогуваше со неговиот брод на 3 април во Гуам, пишува „Економист“.

– Ова е начинот на кој треба да биде испратен еден од најдобрите капетани – кажа еден од присутните морнари.

Испраќањето на Крозиер е резултат на последната катастрофа во цивилно-воените односи на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

На средината на март бродот спроведуваше вежби во Јужното Кинеско Море, откако претходно беше во Виетнам. Тогаш изби заразата на ковид-19. На 24 март, тројца заразени морнари беа евакуирани од бродот. Три дена подоцна, „Теодор Рузвелт“ застана во Гуам со најмалку 23 случаи на коронавирус. Вирусот потоа се ширеше меѓу екипажот од пет илјади, па капетанот Крозиер одлучи да испрати писмо од четири страници до неговите колеги, на 30 март.

– Ширењето на болеста трае и забрзува. Ние не сме во војна, морнарите не мора да умираат – предупреди Крозиер.

Водечките луѓе на американската морнарица првично изразија поддршка, инсистирајќи дека капетанот нема да претрпи последици поради алармирањето за состојбата. Еден ден подоцна тој беше отстранет од функцијата. Секретарот на морнарицата Томас Модли понуди куп причини за одлуката, за потоа, при вчерашното обраќање кон морнарите по пристигнувањето на „Теодор Рузвелт“, да каже оти Крозиер намерно го доставил писмото до медиумите или бил „премногу наивен или глупав за да биде водечки офицер“. Згора, Модли се потсмеваше, нарекувајќи го капетанот, кој останува во служба, „маченик“ и го обвини за „предавство“. Тој се пожали и дека „случајот станал контроверзен во Вашингтон“, за да им каже на морнарите, дека „медиумите имале агенда“.

Забелешките на Модли, кои исто така стигнаа до медиумите, беа примени со неверување на бродот. Тие беа упатени еден ден откако капетанот Крозиер беше тестиран позитивен на ковид-19, што го поттикна верувањето дека неговиот одговор имаше цел да ја засрами администрацијата, а не да го прекрши протоколот или да ја подрие подготвеноста.

– Одлуката мириса на политика, а не на воена дисциплина. Видливо е дека воените офицери во синџирот на команда веројатно биле против неговото отстранување – вели Џим Голби, експерт на цивилно воени односи и активен армиски офицер.

Дури и пред оваа случка, беше јасно дека американската морнарица не е во врвна форма. Во јануари надлежниот инспектор на Пентагон критикуваше десетици воени бродови и пронајде недостатоци во обуката. Ова уследи по неколку проблематични години за морнарицата. Модли, пак, се најде одговорен за морнарицата откако неговиот претходник Ричард Спенсер беше отпуштен по противењето на интервенцијата на Доналд Трамп во случајот на припадник на морнаричките специјални единици „фоки“ кој беше обвинет за воени злосторства.  

А потоа дојде ковид-19. Иако Пентагон прекина да објавува поединечна статистика за заразените за бродовите, вирусот се шири на повеќе пловила. Тесниот простор го прави социјалното дистанцирање непрактично. Американската флота не треба да биде парализирана во криза. Воените бродови можат да останат без дел од екипажот, но и натаму да бидат употребливи во воена состојба, иако коронавирусот ќе закотви одреден број од нив.