Кина предлага глобален систем со кју-ар кодови за патувањата

166

Кинескиот претседател Си Џинпинг предлага здравствен систем врз основа на кју-ар кодови за овозможување на патувањата во услови на пандемија. Тој повика на воведување на „глобален механизам“ на здравствениот систем што ќе користи кју-ар кодови за одвивање на меѓународните патувања во услови на пандемија, пренесуваат светските медиуми.

– Треба да ги усогласиме политиките и стандардите за да го олесниме патувањето на луѓето – рекол кинескиот претседател.

Кодовите ќе се користат за утврдување на здравствената состојба на патниците. Но, поборниците за човекови права во „Хјуман рајтс воч“ предупредуваат дека кодовите можат да се користат за „пошироко политичко набљудување и исклучување“.

Овие предлози Си Џинпинг ги изнел на самитот Г20, онлајн состанокот на шефовите на 20 земји со најразвиени економии во светот, чиј беше домаќин Саудиска Арабија минатиот викенд.

Тој во својот предлог вели  дека кодовите можат да се користат за препознавање на „здравствени сертификати засновани на резултатите од тестовите со нуклеинска киселина“, според транскриптот објавен од кинеската државна новинска агенција „Синхуа“.

– Се надеваме дека повеќе земји ќе се приклучат на овој механизам – додал Си Џинпинг.

Кенет Рот, извршниот директор на организацијата „Хјуман рајтс воч“, на Твитер изразил загриженост во врска со предлогот на Си.

– Првичниот фокус на здравјето лесно може да стане тројански коњ за поширок политички надзор и исклучување – напишал Рот.

Кју-ар кодовите почнаа да се користат во Кина од февруари за да се спречи ширењето на ковид-19. Автоматски генерираните кодови им се доделуваат на жителите како индикатори за нивниот здравствен статус.