Како „Тројцата мускетари“ ѝ помогнаа на Грузија да се справи со коронавирусот

1889
Пата Имнадзе, Тенгиз Церцевадзе и Амиран Гамкрелидзе (од лево кон десно)

Грузија е меѓу 15-те држави надвор од Европската Унија, кои блокот ги смета за доволно безбедни за да ги отвори своите граници за нив. Грузија е единствената поранешна советска република која го постигна овој статус

Тројцата научници кои ја предводеа борбата против пандемијата во Грузија, познати и како „тројцата мускетари“, добија пофалби за начинот на кој поранешната советска република се справи со заразата. Грузија која има популација од 3,7 милиони, забележа помалку од илјада заболени и 15 смртни случаи, пренесува Би-би-си. Тоа се должи на брзата реакција на научниците, масовното тестирање на населението, како и на сложното почитување на мерките воведени од страна на властите.

„Мускетарите“ ги вклучуваат шефот на НЦКБЈ, Амиран Гамкрелидзе, човекот задолжен за лабораторијата „Лугар“, Пата Имнадзе и главниот виролог, Тенгиз Церцевадзе, кој е раководител на центарот за истражување на заразни болести, сида и имунологија на Тбилиси. Тука исто така е Марина Егубаја, медицински шеф на болницата за инфективни болести во Тбилиси која ја водеше кампањата за јавно здравје.

– Според златниот стандард, направивме речиси 30.000 ПЦР-тестови на милион жители. Стапката на закрепнување се искачи на 86 отсто, но за жал имавме 15 смртни случаи што претставува 1,6 отсто. Во споредба со глобалните стапки, сепак, нашата е е многу ниска – вели Амиран Гамкрелидзе.

Научниците на НЦКБЈ постојано се воспевани како спасители на Грузија поради нивната способност за донесување одлуки. Строгите мерки, големиот број тестови, но и заедничкото почитување на карантинот и мерките за заштита беа клучни во битката против вирусот.

Откако беа забележани првите случаи во февруари, реакцијата на властите беше брза. До средината на март сите училишта, универзитети, објекти и јавен превоз беа затворени. Земјата прогласи вонредна состојба на 21 март, а собирите и патувањето во градовите беа забранети. Во текот на ноќта беше воведен полициски час. Потоа, за Велигден, беа затворени и гробиштата.

– Ја следевме внимателно пандемијата еден месец пред првиот потврден случај кај нас. Со оглед на спецификите на нашата земја, како што е нашата локација и малата територија, не можевме да ги користиме примерите на другите земји – изјави премиерот Георгиј Гахарија.

Владата на Грузија се заблагодари на јавноста што ги почитуваше наметнатите мерки за заштита и ги послуша научниците со цел да се справат со пандемијата брзо и ефикасно. За оние кои не ги почитуваа, пак, имаше големи казни. Оние кои беа фатени како ги кршат мерките за време на вонредната состојба добиваа казни од 1.000 долари, а угостителските објекти кои работеа за време на карантинот добиваа казна над 3.000 долари. Пораката „Останете дома“ беше емитувана насекаде, а и покрај политичката поделеност во земјата, населението здружено се согласи да ги почитува мерките и да се избори со вирусот.

Бидејќи Црквата одлучи да го прослави Велигден, на изненадување на властите, голем број Грузијци решија да останат во нивните домови. За разлика од Грузија, во Арменија и Азербејџан секојдневно има илјадници новозаразени. Тие ги олабавуваат нивните мерки во време кога постојано има пораст на заболените. 

Грузија полека се враќа во нормала. Голем број бизниси и ресторани повторно се отворени. Носењето на заштитни маски останува задолжително на јавни места, а исто така и одржувањето на дистанца, како и забраната за собири.

– Иако Грузија изгледа како оаза во споредба со другите соседни земји, тоа не ни дава право да се одмориме ниту на една минута. Иако секојдневно имаме помалку од десет новозаболени, тоа не значи дека можеме да се опуштиме. Напротив, треба да бидеме во состојба на постојана подготвеност – изјави Гамкрелидзе на неодманешна прес-конференција.