Како ЕУ толку ја утна работата со коронавирусот?

311

Мал број на држави имаа успех во битката против ковид-19. Западна Европа која моментно е центар на пандемијата, имаше слаба подготовка, планирање и кординација. Сега е жестоко погодена. Италија има повеќе од 120 илјади заразени и над 12 илјади смртни случаи, пишува универзитетскиот професор Скот Грир во неговата колумна за  „Њујорк тајмс“.

Разликата меѓу кризата во Европа и во остатокот од светот е тоа што Италија и Шпанија се дел од Европската Унија, најголемиот светски експеримент за политичка интеграција. А во оваа пандемија, тој не ги исполнува сопствените идеали. Унијата која честопати зборува за солидарност помеѓу народите, виде малку солидарност. Унијата често прекорувана за технократија, не покажа ништо од неа. Унијата втемелена врз слободата на движењето на луѓето и стоките, стана хаотичен континент со затворени граници и забрани за извоз.

И покрај тоа што институциите на ЕУ поитаа да ги спречат себичните рестрикции на движењето на земјите-членки, штетата веќе беше направена, и Италијанците веќе ја прифатија донацијата на медицинска помош од Кина, пред да ја добијат од Германија. Некои би кажале дека ова докажуа оти ЕУ ги изневерува сопствените жители. Ваквата идеја можеби е популарна во Италија и во Шпанија кои уште не закрепнале од кризата во еврозоната и европските мерки за штедливост.

Па кога станува збор за јавното здравје, како ЕУ толку ја утна работата? И што може да се стори за да се избегне слична катастрофа во иднина?

Вистината е дека кога станува збор за јавното здравје, Унијата го правеше она што нејзините земји-членки сакаа таа да го прави. А тоа не беше многу. Со години, европските влади го држеа Брисел настрана од јавното здравство, колку што беше можно. Тие одбиваа се, од заедничките стандарди на нега до електронскиот систем на евиденција што им овозможува на пациентите слободен пристап до здравствените услуги на други држави. Под спогодбите во блокот, дејствувањето во јавното здравство е опционално и водено од земјите членки, а здравствената нега е обврска на земјата-членка. Болеста меѓу животните може да биде пречекана со силовита акција од ЕУ, но не и ако стане човечки проблем. Тоа ја доведе Европа до денешната состојба, во која е неподготвена за кризата што ги преминува границите.

Пандемијата на коронавирус го покажа значењето на широкото европско јавно здравство и значењето на политиката за јавно здравство на ЕУ, која ќе одговори на предизвиците. Ако ЕУ не може да се справи со заканите за здравјето на нејзините жители или да им помогне на членките што тоа не го можат сами, тогаш нејзиниот придонес за животот на сопствените жители се доведува во прашање.

ЕУ прво треба да го финансира и осмисли капацитетот за тестирање за болестите, почнувајќи, секако, од коронавирусот, и да ги споделува информациите меѓу членките. Вториот совет е да воведе заедничко снабдување со вакцини и опрема. А земјите-членки треба да го користат блокот за да имаат план кога станува збор за одговори на катастрофи. Овие предлози не се лесни. Земјите-членки претходно се опираа на интервенција на ЕУ во јавното здравство. Но европската интеграција веќе е прилично застапена за тие да бидат избегнувани. Институциите на ЕУ треба да ги водат земјите-членки до извлекување од заедничката криза во јавното здравство. Овие промени ќе и помогнат на ЕУ да се справи со сегашните промени, за нејзините економии и друштва да излезат од индуцираната кома, бидејќи заканите како што е ковид-19 нема да исчезнат и во иднина.