Италија најверојатно ќе ја продолжи вонредната состојба

122

Италија најверојатно ќе ја продолжи вонредната состојба за да ја одржи кризата со коронавирусот под контрола додека владата се обидува да избегне зголемување на бројот на новозаболени како што е случајот во повеќето европски земји, рече официјален висок италијански претставник.

Вонредната состојба, која ќе истече во средината на октомври, овозможува поголеми овластувања и за регионалните власти и за централната влада, што им олеснува на службените лица да ја заобиколат бирократијата што го гуши процесот на донесување одлуки во Италија.

– Верувам дека владата ќе треба да побара дополнително продолжување – рече заменик-министерот за здравство Сандра Зампа за државната телевизија РАИ.

Италија беше првата земја во Европа погодена од ковид-19 и има најголем број смртни случаи на континентот – 35.851.

Благодарение на еден од најстрогите карантини во светот, Италија успеа да ја стави пандемијата под контрола до летото. Сепак, случаите се зголемија во текот на минатиот месец и во последните седум дена во просек се пријавени по 1.694 нови случаи дневно.