Италија е неподготвена за битката што ја очекува по пандемијата?

1066

Јавната администрација на Италија навидум е слабо подготвена за да се справи со амбициозната употреба на технологија за тестирање и следење во следната фаза

Италија беше првото жариште на коронавирусот во Европа и прва земја која воведе драстични мерки за да ја сузбие пандемијата. Како што таа полека стивнува, властите се прашуваат кога и како да ја отворат економијата, пишува Фердинандо Џулијано во неговата колумна насловена „Италија има и поголеми причини за страв од коронавирусот“ за „Блумберг“. 

За жал, нема голем простор за оптимизам кога станува збор за ова прашање. Коалицијата на популистичкото движење Пет ѕвезди и централнолевичарската Демократска партија имаа повеќе успех во наметнување на мерките за движење и изолација, отколку во осмислување на стратегија за периодот што следува по пандемијата. Властите вложуваат напори да помогнат со распределување на субвенции на оние кои се погодени од кризата. 

Италија беше пример за тоа како може да се наметнат мерки врз приватноста на граѓаните и економијата во демократска земја. Мерките за изолација на северниот дел од земјата го заштитија југот, каде што здравствениот систем е послаб. 

Сепак, мерките беа наметнати предоцна, особено во области како што е Бергамо во близина на Милано, а низ целата земја медицинскиот персонал се соочи со недостиг на заштитна медицинска опрема, што резултираше со голема смртност, како и ширење на вирусот во болниците.  

Италија е блиску до врвот на епидемијата, a властите размислуваат за укинување на некои од мерките воведени на почетокот на март, кои се планира да останат на сила до 13 април. Сепак, можно е одредени фабрики да почнат со работа по Велигден, а граѓаните да имаат поголема слобода на движење од мај. 

Министерот за здравство, Роберто Сперанца, најави план за тестирање на населението, како и за следење на оние кои биле во контакт со заболени, за потенцијално да се намали одново ширењето на вирусот. Ваквиот план ја доближува Италија до Сингапур и Јужна Кореа, земји кои добро се справија со пандемијата. 

За жал, јавната администрација на Италија не е подготвена за употреба на технологија во следната фаза од пандемијата. Минатата недела, Националниот институт за социјално осигурување се соочи со ИТ неуспех, кога илјадници самовработени аплицираа за субвенции од владата. Претседателот на агенцијата овој неуспех го припиша на хакерски напади, а премиерот Џузепе Конте се чини како слепо да го прифати ова објаснување. 

Постои ризик дека движењето Пет ѕвезди и демократската состојба ќе ја искористат состојбата за агресивно да ја наметнат улогата на државата во економијата, на трајна основа. Владата им забрани на компаниите да отпуштаат работници, а исто така бара и поголеми овластувања за контрола врз странските копании во земјата. 

Властите исто така побараа и помош и европска солидарност со цел да се надмине кризата. Европската централна банка започна програма вредна 750 милијарди евра за контрола на државните обврзници во земјата. На Италија ќе ѝ биде потребна поддршка за да се справи со нејзиниот јавен долг, кој значително ќе расте. 

Сепак, надворешната економска помош може да помогне само во одредена мера, доколку Италија нема реална стратегија која ефикасно ќе ја спроведе. Коронавирусот ја изненади коалицијата, и таа нема да може да го употреби истиот изговор при повторното отворање на економијата.