Италија до Германија: Помогнете како што ви се помагаше по Втората светска војна

167

Градоначалници од Италија и регионални гувернери ја повикаа Германија на солидарност во екот на пандемијата на коронавирус во писмото објавено во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, потсетувајќи на помошта што оваа земја ја добила по Втората светска војна.

Италија има повеќе жртви од коронавирус од која било друга земја. Заразени се над 100.000 луѓе, а 11.591 починаа, што е една третина од смртните случаи на коронавирус во светот.

Во писмото се нагласува зголеменото незадоволство на Италијанците од она што го сметаат за германска рамнодушност кон нивната мака.

Италија има кревка финансиска состојба и тешко е во такви услови земјата да се бори против пандемијата, па затоа бара заедничко преземање на долговите во еврозоната поради што предлага „коронаобврзници“, но земјите од северот на Европа одбиваат ваков чекор засега.

– Драги германски пријатели, сеќавањето помага да се донесе вистинска одлука – се вели во писмото во кое се посочува на договорот од 1953 година за намалување на германските долгови со цел повоено закрепнување на таа земја.

Писмото го потпишале градоначалници од левичарски и десничарски партии кои ги претставуваат северните италијански градови најтешко погодени од епидемијата на коронавирус, вклучувајќи ги Бергамо и Милано.

Писмото е насочено и кон Холандија, која во Италија се смета за еден вид засолниште од данок на добивка и се нагласува дека оваа земја воспоставила поволен даночен режим кој со години одзема ресурси од сите поголеми европски земји.

Лидерите на девет земји членки, вклучително и Италија и Франција, неодамна во писмото испратено до претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, побараа да се овозможи издавање на заеднички обврзници за финансирање т.н. „коронаобврзници“.

Целта на овие обрзници кои земјите заеднички би ги гарантирале е да овозможат поевтино задолжување од одделни членки со цел справување со кризата.

Германија, Холандија, Финска и Австрија се спротивставија на предлогот, одржувајќи ја својата традиционална позиција долгот да не се дели со помалку конкурентни економии.