Исланд почна да издава потврди за вакцинација со цел да се олесни патувањето

32

Исланд започна со издавање на првите сертификати за вакцинација со цел да им се олесни патувањето на оние кои се заштитиле од ковид-19, соопштија денеска тамошните власти.

Околу 4,8 илјади луѓе на Исланд примиле по две дози од вакцината против ковид-19 и добиле потврда на платформата достапна на интернет од минатиот четврток, изјави исландската министерка за здравство за „Франс Прес“.

Таа посочила дека целта е повторно да се овозможи циркулација на жителите, иако исландскиот сертификат во моментов важи само за патувања во таа островска држава.

Исланд планира да прима граѓани на земјите од ЕУ кои ќе започнат сличен механизам или ќе го преземат механизмот кој би бил воспоставен од Светската здравствена организација (СЗО).

Исланд не е дел од ЕУ, но се наоѓа во шенген зоната за слободно движење, што е ограничена со мерките за борба против коронавирусот.

Расправата за т.н. ковид-пасоши што ќе го олеснат патувањето во моментов е тема на дебата во рамките на ЕУ, но прашањето е далеку од консензус.

Земји како Грција се залагаат за такво решение за спас на нивниот туристички сектор, но од друга страна Франција и Германија сметаат дека е прерано за ваква дебата.