ЕК ќе го објави планот за заздравување на економиите од пандемијата

181

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен денеска попладне ќе го објави долгоочекуваниот план за заздравување на економијата од пандемијата на коронавирусот и новиот предлог за седумгодишен буџет, кој со планот е тесно поврзан.

ЕК на својата редовна седница ќе ги усвои предлозите, а веднаш потоа со нив ќе бидат запознаени сите претставници на земјите членки.

Во 13.30 часот почнува пленарната седница на Европскиот парламент, на која претседателката на Комисијата ќе ги претстави предлозите на пратениците и на пошироката јавност.

Пред две недели Фон дер Лејен го претстави ревидираниот предлог седумгодишен буџет на ЕУ и план за заздравување од коронавирусот. Таа не наведе ниту една конкретна бројка, но нагласи дека инструментот за заздравување ќе биде комбинација од заеми и бесповратна помош.

Таа објасни дека пакетот мерки ќе се состои од два дела – повеќегодишен буџет и инструменти за заздравување, кои ќе се финансираат преку задолжување на пазарите на капитал со гаранција на државите членки.

Новиот седумгодишен буџет е наменет за период од 2021 до 2027 година. Со оглед дека средствата од новиот буџет ќе бидат на располагање дури од 1 јануари следната година, се очекува дека Комисијата ќе предложи и некое решение за да се премести овој период до крајот на годината и да им помогне на економиите таму каде е најпотребна и најитна помошта.

Конечната одлука за тие предлози е на земјите членки, кои мораат едногласно да се договорат и на Европскиот парламент, кој мора да даде согласност на договорот на земјите членки.