Фото: Игор Бансколиев

ПАНДЕМИЈАТА ГО РАЗОБЛИЧИ МОРАЛОТ НА УНИЈАТА

Од избувнувањето на пандемијата на ковид-19, Унијата манифестира дволична и непринципиелна политика кон Македонија, слично како со нашата евроинтеграција. И покрај декларативните заложби и ветените дози вакцини преку Ковакс-механизмот, долго време бевме оставени без речиси никаква помош или поддршка од Унијата, па моравме да се снаоѓаме преку донации од соседите. Во таа насока, најновите статистики за високата смртност од ковид-19 во Македонија, секако, одат и на душа на Европа, која како по навика секогаш нѐ остава на цедило кога ни е најпотребна

Македонија е на врвот од Европа по смртност од ковид-19, покажуваат најновите статистички податоци. Кои се причините поради кои овде најмногу умираат луѓе, иако расте бројот на вакцинирани? Овие прашања ја мачат јавноста, но и здравствените експерти, особено што според статистиката, над 90 отсто од починатите се во болнички услови. Дали станува збор за доцни хоспитализации или, пак, има проблеми во протоколите за лекување? Со растот на хоспитализации, расте и бројот на смртни случаи.

Но која и колава е одговорноста на Европската Унија, која и при справувањето со пандемијата нѐ остави на цедило, исто како и со нашата евроинтеграција. Изминативе две недели ја искачија Македонија на самиот врв по бројот на починати од ковид-19 според процентот на население. Ова го објави и го потврди профилот „Ковид дата чек“, кој објавува статистики за различни параметри поврзани со ковид-19.
Според статистиката, на 100.000 жители, во Македонија за 14 дена починале 16,4 луѓе од 17 август до 30 август.

Веднаш зад нас со најлош резултат се Црна Гора со 11,6 и Русија со 7,6 починати.
Според последните информации добиени од Министерството за здравство, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починала 15-годишна пациентка од селото Селце, Тетовско.
– Пациентката со многу тешка клиничка слика е донесена на Инфективна клиника, откако 13 дена претходно била со симптоми на болеста. Пред да биде болнички лекувана, пациентката имала тегоби 10 дена. Според медицинскиот извештај, станува збор за исклучително тежок случај, со развиена тешка форма на болеста, пациентка е со обезитас. Епидемиолошката анкета е позитивна односно, според кажувањата на таткото на пациентката, нејзината мајка е почината со ковид-19 – соопштија од ресорното министерство.

Микробиологот Никола Пановски вели дека има повеќе фактори што се пресудни за високата смртност од ковид-19 во земјава.
– Постојано се спомнува само еден фактор, а тоа е дека граѓаните доцна доаѓаат во болница. Сепак, сметам дека треба да се направи сеопфатна анализа по ова прашање. Да се види што е најдобро, што дава резултати во лекувањето, зашто ние како мала земја не треба да експериментираме – посочува тој.
Смета дека свадбите и отворените граници направија експлозија.
– Не знам колку болниците во внатрешноста имаат капацитетот и колку имаат искуство за лекување од ковид-19. Треба да видиме каде има најголем протокол, во која болница, и така да постапуваме – заклучува микробиологот.
Во нашата земја, во моментов околу 1.000 пациенти се на болничко лекување, а капацитетите се најоптоварени во Тетово и во Гостивар, каде што е и најмал бројот на имунизирано население.

Според министерот за здравство Венко Филипче, не се точни тврдењата дека не постои протокол за лекување на пациентите заболени од ковид, зашто во секоја здравствена установа во земјата има протокол, препорака, терапија и индикација за терапијата, а пациентите се соодветно лекувани.
– Никаде нема унифициран пристап за лекување од ковид. Некаде има препораки, во зависност од клиничката слика на пациентот. Најзастапена возрасна група на хоспитализирани пациенти е онаа над 60 години, а од смртните случаи најголем број се граѓани постари од 70-годишна возраст, кои имале и други придружни сериозни болести, како карцином, како нерегулиран дијабетес, срцеви заболувања или биле подложни на повеќе хируршки интервенции – посочи тој.

Според него, нашиот систем, за лекарите и медицинските сестри, е во секој ковид-центар да има експерт, специјалист, пулмолог или интернист од областа на пулмологијата или инфектолог и тие работат по истите препораки.
За стабилизирање на епидемиолошката слика, министерот е дециден дека клучен фактор се вакцинацијата и имунизирањето на што поголем број граѓани, посочувајќи дека бројот на починати лица што се вакцинирани навистина е многу мал, што ја докажува и ефикасноста на вакцината, а тоа е дека таа многу го намалува ризикот од смрт.


Откриен потенцијален лек за коронавирусот во отров од змија

Бразилските научници открија дека молекул од отровот на змијата јараракусу, ендемична јужноамериканска змија, кој ја намалил репродукцијата на коронавирусот во мајмунските клетки, може да се смета за потенцијален прв чекор кон лек за борба против вирусот.
Студија објавена во научното списание „Молекули“ откри дека молекулот произведен од јараракусу, една од најотровните змии во Јужна Америка, ја намалил способноста на вирусот да се размножува во мајмунските клетки за 75 проценти.
– Успеавме да покажеме дека оваа компонента на змискиот отров може да спречи многу важен протеин од вирусот – рече Рафаел Гвидо, професор на Универзитетот во Сао Паоло и автор на студијата.
Во следниот чекор, научниците ќе ја проценат ефикасноста на различни дози на молекулот и ќе откријат дали е во состојба воопшто да го спречи навлегувањето на вирусот во клетките, соопшти Државниот универзитет во Сао Паоло (УНЕСКО), вклучен во истражувањето.
Тие се надеваат дека ќе ја тестираат супстанцијата во човечките клетки, но не навеле временска рамка.
Јараракусу е една од најголемите змии во Бразил, долга и до два метри, живее во крајбрежната Атлантска Шума, а може да се најде и во Боливија, Парагвај и во Аргентина.


Десет највисоки стапки на смртност во Европа
(од 17 август до 30 август)

1. Македонија 16,4
2. Црна Гора 11,6
3. Русија 7,6
4. Бугарија 6,7
5. Грција 3,8
6. Кипар 3,3
7. Шпанија 2,8
8. Литванија 2,8
9. Босна и Херцеговина 2,5
10. Велика Британија 2,2

[email protected]