Започна масовното производство на вакцината против ковид-19

325

Фармацевтската компанија „Фајзер“ објави видео кое покажува дека веќе има произведено стотици илјади дози вакцини за коронавирус во својата белгиска фабрика.

Видеото покажува полнење на илјадници мали дози со новата експериментална вакцина.
Кога ќе има доволно резерви, вакцината ќе оди во клиниките ширум светот, иако сè уште се чека нејзината клиничка потврда и ефективност со цел да се добие дозвола за продажба на пазарот.

Фармацевтскиот гигант потпиша договор со американската влада за производство на милиони дози дури и пред да се докаже дека се безбедни и ефикасни.

Компанијата се надева дека ќе произведе 100 милиони дози оваа година, а следната година има за цел да произведе дури 1,3 милијарди дози на вакцината САРС-КоВ-2.

„Дејли мејл“ истакнува дека, според сегашните достапни податоци, на секој пациент му треба количина од две дози вакцина.

– Беше одлично чувство да се видат првите дози на вакцината како излегуваат од подвижната лента. Тоа ни предизвика насмевка на лицето – рече директорот на британскиот оддел на „Фајзер“, Бен Озборн.

Компанијата се надева дека ќе продолжи со вакцината откако ќе бидат достапни податоците за безбедноста во третата недела од ноември, бидејќи тие имаат намера да направат тестови на 44.000 пациенти пред тоа. Ако сè оди добро, тие планираат да побараат итно одобрување на вакцината од американските власти.