Заболувањето на боливудската легенда од ковид-19 ја открива нееднаквоста во Индија

169

Автор: Ари Алтстедер

Блумберг

Индија забележа брз скок во случаите на коронавирус во текот на минатиот викенд, поради што вниманието на јавноста се сврти кон најголемата филмска ѕвезда Амитаб Бачан и неговото семејство кои сега се дел од 878-те илјади заразени.

Седумдесет и седумгодишната боливудска легенда е сеприсутна во државата од реклами за производи за нега на коса до цемент, а неговата зараза покрај таа на неговиот син и актер Абхишек, снаата Ашварија Рај и внуката Арадија, предизвика еден вид на масовна национална тага.

Болеста на Бачан исто така нагласи една од најсериозните и постојани нееднаквости кои ги разоткри пандемијата, а тоа е пристапот до квалитетна здравствена заштита. Заедно со неговиот син беа хоспитализирани во една од најдобрите приватни болници во Мумбај, иако само со благи симптоми, во време кога народот се бореше да најде слободен кревет во преполните државни болници или не му беше дозволено да се лекува во приватните клиники. Додека Индија се бори да го спречи ширењето на вирусот, бидејќи стана третата земја во светот по број на заразени со тоа што секојдневно се регистрираат по 30.000 нови случаи, ваквите нееднаквости само дополнително го отежнаа процесот за контрола на патогенот.

– Двојниот стандард е што богатите добиваат здравствена заштита, но не и сиромашните. Ова особено е изразено во случајот на Амитаб Бачан кој преживеа туберкулоза, хепатит Б, а сега ќе го добие најдобриот медицински третман за ковид-19 – изјави Лина Менхејни, адвокатка и активистка за јавно здравје од Њу Делхи.

Постепен раст

Со интензивирање на епидемијата во изминатите неколку месеци, државните болници се преполнија, особено во Мумбај и во Њу Делхи кои се најпогодените градови во земјата. Сè почести се примерите на некои приватни болници и доктори кои одбиваат да ги лекуваат пациентите со ковид-19 и беа обвинети за продлабочување на кризата, иако приватните болници сочинуваат околу 60 отсто од вкупниот капацитет на слободни кревети во сите болнички капацитети во Индија.

Здравствените капацитети во Мумбај оттогаш се зајакнаа, а локалните власти издадоа наредба за користење на 80 отсто од креветите во приватните болници, мобилизираа доктори во ротациите за третман на заболени од вирусот и се воведоа контролни табли за следење на состојбата на слободните кревети за пациенти со ковид-19. Но има разлики во брзината и леснотијата со која граѓаните имаат достапност до нив.

Во јуни, владината анкета спроведена од страна на „Ајушман Бахрат“, агенцијата која раководи со здравственото осигурување за сиромашните, откри дека 22 од 101 приватна болница обезбедиле толку малку услуги што се сметаат за неактивни. Од вкупно 96 испитани приватни болници, 81 посочиле дека не обезбедуваат третман за ковид-19. Семејството Бачан не се соочи со вакви тешкотии кога се разболеа и беа примени во приватната болница „Нанавати“ во Мумбај, која е во близина на нивниот дом.

Бачан, инаку, стана филмска ѕвезда во Боливуд во 1970-тите години и се смета за индиски пандан на Роберт де Ниро или Ал Пачино, затоа што секогаш играл улоги на „млади бунтовници“ кои се борат против корупцијата. Иако актерите од неговата генерација веќе одамна се во пензија, Бачан само ја зголеми својата слава. Покрај многубројните ангажмани во реклами и докажаните актерски достигнувања, тој исто така е водител на индиската верзија на квизот „Кој сака да биде милионер?“ и се појави во холивудскиот филм „Големиот Гетсби“ во 2013 година.

Неговиот син Абхишек исто така е суперѕвезда и е во брак со актерката и поранешна убавица Ашварија Рај, а заедно се една од најпознатите и најфотогенични двојки во Азија.

– Тој се смета за еден вид на национално богатство, така што ако нешто му се случи на Амитаб Бачан се смета за владин неуспех – посочи активистката Менхејни.

Покрај заразата во семејството Бачан, ковид-19 генерално е распространет кај сиромашното население во Индија, со тоа што жариштата се концентрирани во сиромашните квартови со лоши услови за живеење каде што невозможно е да се почитува физичката дистанца. Многу од нив зависат од платата во дневници и не можат да работат од дома. Дури и да се ослободат кревети во приватните болници, малкумина можат да си ги дозволат.

Со олеснување на рестриктивните мерки во Индија и со тоа што елитата од Мумбај ги отвори вратите за чистачите, готвачите и возачите, здравјето на најбогатите во градот ќе зависи од она на сиромашните.

– Приватниот здравствен систем целосно потфрли во овој случај. Пораката е дека ако не плаќате за здравствена заштита на најсиромашните, најбогатите исто така нема да бидат безбедни. Затоа универзалниот пристап до здравствена заштита треба да биде јавно добро за сите – истакна Т. Сундарараман, светски координатор на движењето за народно здравје во Њу Делхи, кое е група на интерес за пристап до здравствена заштита.

Превод: Билјана Здравковска