Ефикасни алатки во борбата против коронавирусот

1448

Нема сомнеж во успехот за справување
со вирусот со масовните тестирања

Многу земји во Европа и во светот реагираа брзо со спроведување голем број масовни тестирања, во кои беа вклучени не само асимптоматските, или пак сомнителните заразени со новиот коронавирус, туку и сите што биле претходно третирани како случаи заболени од грип или обична пневмонија, за да се утврди дали дијагнозите се точни или зад нив се крие ново заболување. Ова особено е карактеристично за земјите од Далечниот Исток, како што се Јужна Кореја, Хонгконг, Тајван и Јапонија, кои во моментов се лидери во светот кога станува збор за ефективноста во борбата против ковид-19. Нив никој не ги „намести“ преку реализирање масовни тестирања да дојдат до реалната бројка и релевантните информации за борба против коронавирусот. Што би можеле да научиме од нив?

Тајван, остров со околу 23 милиони луѓе, на само 150 километри од азискиот континент, досега има регистрирано само 480 инфицирани и седум смртни случаи. Главната причина за тоа, сметаат експертите, е брзата реакција на тајванските власти. Имајќи го предвид искуството од 2003 година, кога 181 човек починале од САРС на островот, тие брзо ги презедоа мерките за собирање информации за новиот коронавирус, вклучувајќи ги и организираните масовни тестирања, од каде што ги црпеа неопходните информации за стратегијата за борба со вирусот. Тајван реагираше брзо со спроведување голем број масовни тестирања, во кои беа вклучени не само асимптоматските, или сомнителните случаи дека е можно да се заразени со новиот коронавирус, туку и сите што биле претходно третирани како случаи заболени од грип или обична пневмонија, за да се утврди дали дијагнозите се точни или зад нив се крие ново заболување.

Дигиталното следење уште една исклучително корисна алатка против ковид-19

Властите на Тајван исто така вовеле систем за дигитално следење на пациентите и лицата што биле во контакт со нив преку паметните телефони. Преку него им било испраќано предупредување со кое биле замолени да останат во куќен карантин ако нивниот телефон покажел дека се оддалечени од нивните домови. Почитувањето на карантинот го контролирале и полициските патроли, а на можните прекршители им се заканувале драконски казни. Формирана е база со податоци во која медицинските податоци на граѓаните што посетуваат лекар и дијагнозите добиени притоа, им биле поврзувани со полициските податоци за одење во странство, така што потенцијалните нови жаришта може полесно да се идентификуваат врз основа на движењето на заразените. Иако многу личи на авторитарен систем, тој беше прифатен поради повисоката вредност – зачувувањето на животите и здравјето. Благодарение на него, граѓаните на Тајван не мораа да ги искусат блокадата на градови и забраната за движење, како што беше воведено во Кина.

Масовното тестирање даде плод и во Јужна Кореја

Јужна Кореја, земја со околу 51 милиони луѓе, со досега само 11.776 заразени и 273 смртни случаи. Од самиот почеток на епидемијата, Сеул спроведе масовно тестирање врз населението од вирусот и многу подетално истражување на движењата и однесувањето на заразените за да може брзо да се изолираат потенцијалните случаи. Кореја успеа во тоа, бидејќи јужнокорејските компании брзо произведоа нов тест, кој им овозможи добивање резултати за само шест часа, во споредба со претходниот, кој траеше повеќе од 24 часа. Притоа, Владата итно ги собра институциите и компаниите од областа на биомедицината, при што им даде на располагање голема сума пари за брзо пронаоѓање нов тест за коронавирус што би овозможил брзо добивање резултати. Кога една од компаниите успеала да го стори тоа, нејзината нова технологија веднаш била им предадена за употреба на други компании и институти за да произведат што е можно повеќе тестови во најкраток можен рок. Така, наспроти големиот број кинески туристи, Јужна Кореја брзо го неутрализира првиот бран на епидемијата. Кратко време подоцна, во употреба била воведена апликација со која масовно се следи движењето на граѓаните. Истовремено со употребата на овие електронски софтверски системи, корејските власти дозволија непречено функционирање на рестораните, продавниците и училиштата, притоа минимизирајќи го влијанието од епидемијата врз економијата и образованието.

Парламентарните избори биле спроведени кон средината на април, во кои, и покрај можната опасност од вирусот, одзивот бил 66 проценти. Во организирањето на изборите учествувале над половина милион луѓе, на 14.000 избирачки места, со мерки како што се: дезинфекција на просториите, мерење на температурата, дезинфекција на рацете и одржување на растојанието помеѓу гласачите.

И дисциплината на населението е клучна

Хонгконг, велеград со седум и пол милиони жители, и покрај посетата од дури два и пол милиони луѓе од другите делови на Кина во јануари, кога вирусот веќе предизвика хаос во Вухан, и покрај малата територија и пренаселеноста, успеа да го ограничи бројот на заразени на само 1.106, со само четири смртни случаи.
Како и Јужна Кореја и Тајван, иако привремено ги затвори училиштата и аеродромот, Хонгконг не воведе никакви мерки за ограничувања на движењето.
Иако му се закануваше катастрофа предизвикана од политичката нестабилност поради повеќемесечните протести и недостигот од организација како резултат на тоа, со појавата на новиот коронавирус се врати сеќавањето на епидемијата САРС од 2003 година, кога градот имаше 299 жртви, како и на смртоносната епидемија од грип. Сето тоа го наведе локалното население да се однесува колку што е можно подисциплинирано кога станува збор за носење маски, работа од дома, избегнување непотребни контакти и масовни собири. Исто така, властите во Хонгконг бараа од луѓето што пристигнуваа од странство и веднаш беа упатувани на самоизолација да носат електронски локатор, како доказ дека не го напуштаат домот.

Заеднички карактеристики на успешните

Она што сите овие земји и области имаат заедничко е дека тие биле повеќе или помалку загрозени од други коронавируси – САРС и МЕРС (но и птичјиот и свинскиот грип), што ги натерало нивните медицински служби подобро да се подготват за сличен проблем во иднина. Социолошки гледано, овие области, иако се изложени на силни западни културни, политички и економски влијанија од Втората светска војна наваму, сепак ги почитуваат традиционалните конфучиски вредности во многу елементи од секојдневниот живот.

Построгото принципиелно воспитување на децата, инспирирано од старите конфучиски семејни вредности, кои инсистираат на дисциплина и социјален конформизам дома и во училиште, го прави источноазиското население генерално подисциплинирано и попослушно во однос на социјалните власти отколку во другите делови на светот (вклучувајќи ја и Владата, односно државата). Оттука, населението на Источна Азија повеќе им верува и ги следи предлозите на државните органи и, традиционално, полесно е да се прифаќаат надзорот и мешањето на државата во приватната сфера.

Исто така, земјите и областите од Источна Азија имаат обичај да носат хируршки маски во секојдневниот живот, дури и кога нема епидемии. Масовно се произведуваат и се лесно достапни – не се купуваат само во аптеките туку ги има и во обичните маркети. Многумина носат маски и при мала настинка, од обѕир кон другите. Источноазискиот регион има култура на резервирано однесување на јавни места – Источноазијците се поздравуваат едни со други со поклонување, без ракување и гушкање и не се бакнуваат, па дури и со своите партнери со кои се во врска тие се помалку интимни отколку што е случај на Западот.

Затоа, може да се каже дека зад релативниот успех на источноазиските земји и области при контролата од коронавирусот, покрај брзото реагирање на здравствените власти и претходните епидемиолошки искуства од кои се научени важни лекции, лежат добрата дисциплина на населението и културата поврзана со хигиената и односот кон другите, како и релативно поеластичното разбирање на личните слободи отколку на Западот.

Н.М.
(При изработката на текстот се користени материјали од регионални медиуми)