Експерти бараат отпочнување на тестирањето на вакцини против ковид-19 врз деца во САД

125

Група педијатри, специјалисти за инфективни болести, бараат отпочнување на тестирањата за вакцините против ковид-19 врз деца во САД, каде што бројот на смртни случаи надмина 200 илјади, пренесува Си-ен-ен.

Засега во САД се спроведуваат три големи тестирања за вакцини, но ниту едно испитување досега не е наменето за децата, изјавија осум лекари во коментарот објавен во петокот во медицинското списание „Клинички инфективни болести“.

– Иако работите се движат со досега невидена брзина за клиничките испитувања на ковид-вакцина кај возрасните и лицата во постари години, ние сè уште не се обидовме да започнеме педијатриски испитувања, а децата се на еден начин, заборавени – вели д-р Бади Крих, детски специјалист за инфективни болести на Универзитетот „Вандербилт“ и еден од авторите на коментарот.

Според Крих, ова е повик да се стори нешто наместо да се чека дали ќе има ефективна вакцина за возрасни, со што тој наведува дека допрва треба да се открие потребната доза и ефикасноста на вакцините кај возрасните, како и колку често треба да се примаат. Сепак, дел од компаниите кои работат на усовршување на вакцината тврдат дека имаат предвид оти вакцината треба да биде наменета и за помладите. 

Компанијата „Фајзер“, која е во последната фаза на испитувања за нејзината вакцина, „активно работи со регулаторите за потенцијален план за педијатриска студија“, изјави за Си-ен-ен портпарол на компанијата.

Исто така „Модерна“, друга компанија чија вакцина е во третата фаза од тестирањата во САД, планира да започне педијатриски испитувања во блиска иднина, но засега е предмет на регулаторно одобрување, изјави портпаролот за Си-ен-ен.

Експертите сè уште ја проучуваат улогата на децата во ширењето на вирусот, но неколку студии покажаа дека и тие се преносители на вирусот, исто како и возрасните.

Досега во САД се бележи раст на бројот на заразени меѓу студентите и нивните семејства. Во Тексас има повеќе од 4.500 позитивни случаи на ковид-19 меѓу учениците и вработените во државните јавни училишта од почетокот на новата академска година, покажуваат податоците на Агенцијата за образование на Тексас. Над 2.300 од тие случаи се студенти. На Флорида, бројот на деца под 18 години кои се заразиле со вирусот порасна за 26 отсто од почетокот на отворањето на многу државни училишта во државата.

– Ситуацијата во САД се случува затоа што инсистиравме училиштата повторно да се отворат во области во кои има висок процент на новозаразени. Инсистиравме училиштата и факултетите да бидат отворени, без притоа да имаме план за раководство на национално ниво – вели д-р Питер Хотез, декан на Националното училиште за тропска медицина на Медицинскиот колеџ во Бејлор, Тексас. 

Со наближувањето на есента, д-р Роберт Редфилд предвидува дека светот ќе се најде во еден од најтешките периоди за јавното здравје. Здравствените власти предупредуваат дека новиот бран наесен во голема мера ќе биде искомплициран и поради претстојната сезона на грип.