Европската комисија: Недостиг на вакцини има и за земјите-членки

103

Попладнево бил одржан видео-состанок инициран од Европската комисија, на кој биле адресирани сите важни аспекти за мерките кои ЕУ ги презема за обезбедување вакцини за земјите од Западниот Балкан, информираат од владината прес-служба.

Директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување, Геновева Луиз Калавера во своето воведно обраќање информирала дека и покрај сериозниот недостиг на расположливи дози и за самите земји-членки, Европската комисија останува посветена на обезбедување вакцини за земјите од регионот.

Таа информирала дека ЕК ги завршила подготовките за пренасочување на 70 милиони евра ИПА средства за набавка, за која што во наредните 3 до 4 недели до надлежните власти на Западен Балкан ќе бидат доставени грант договори за покривање на трошоците за вакцините, опрема и потрошен материјал.​
Како владин претставник од македонска страна, на состанокот учествувала државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Калинка Габер која информирала за состојбите, преземените и планираните активности, како и за националните потреби за успешно спроведување на вакцинацијата против коронавирусот.