Европската комисија воведува дополнителни правила за патниците од трети земји

206

Во ситуација на ширење на новите мутации на коронавирусот и голем број новозаразени, Европската комисија повика на избегнување на сите патувања што не се потребни.

Денес во Брисел беа побарани дополнителни мерки на границите, и внатре во ЕУ и на надворешните граници, со цел да се запре ширењето на вирусот.

„Тестирањето ќе биде задолжително за сите патници кои влегуваат во ЕУ, вклучително и за оние кои се на т.н. важно патување. Тестот за ПЦР за влез во ЕУ мора да биде стар најмногу 72 часа“, изјави комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон.

Таа наведува дека дополнителните правила, вклучувајќи и карантин и следење на контактите до 14 дена, мора да се применат на патниците кои доаѓаат од трети земји, каде што е забележана циркулацијата на новите видови на вирусот.

За граѓаните на ЕУ и оние со дозволи за престој, тестирањето ќе се обезбеди по пристигнувањето, а образецот за локацијата на патникот треба да стане универзален и задолжителен.

Комисијата наведува дека ќе има исклучоци што ќе важат за граѓаните кои ги преминуваат границите во рамките на земјите членки со цел да одат на работа, на училиште или да се грижат за членовите на семејството.

Европската комисија заклучува дека целта на овие мерки е да се заштитат граѓаните и единствениот пазар на ЕУ