Доколку професорката ги следеше инстинктите, ветувачката вакцина немаше да постои

258

Професорката Сара Гилберт од Англија, која стои зад пронаоѓањето на ковид-вакцината на универзитетот „Оксфорд“, е скромна и тивка личност која не сака да биде во центарот на вниманието. Но, таа наскоро ќе мора да се подготви за тој момент, бидејќи нивната вакцина е 70 отсто успешна во спречувањето на појавата на ковид-симптомите, пренесува Би-би-си. 

Упорностa и трпеливоста ја доведоа докторката Гилберт до нејзиниот докторат, и таа се посветила на вакцините. Како млада студентка на Универзитетот во Источна Англија, таа била воодушевена од разновидноста на идеите и искуствата кои ги нуди универзитетот. Но, Гилберт на почетокот не била сигурна за нејзината кариера. Доколку професорката Сара Гилберт ги следеше инстинктите, ветувачката вакцина против ковид-19 можеби немаше да постои, наведува Би-би-си.

– Некои научници долг период од нивната кариера со задоволство решаваат да се посветат на една цел. Тоа не е начинот на кој јас сакам да работам. Јас сакам да се обидам и да земам идеи од голем број различни области. Понекогаш имаше моменти кога размислував да ја напуштам науката и да се обидам со нешто друго, поразлично – изјави Гилберт. 

Таа решила да продолжи со наука бидејќи ѝ бил потребен постојан приход. Токму оваа одлука доведе до објавата дека вакцината за коронавирус на универзитетот во Оксфорд е со голема ефикасност во спречување на симптомите на ковид-19, според резултатите од испитувањата. Привремените податоци сугерираат дека таа обезбедува 70 отсто заштита, но бројката може да достигне до дури 90 отсто со прилагодување на дозата.

Во минатото, Гилберт патот првин ја одвел кон проучување на маларијата. Подоцна во кариерата, таа формирала своја истражувачка група во обид да создаде универзална вакцина против грип, која ќе биде ефикасна против сите различни видови на заразата. Во 2014 година, таа го предводеше првото испитување на вакцина против ебола, а кога се појави вирусот МЕРС – респираторен синдром на Блискиот Исток, таа отпатува во Саудиска Арабија за да се обиде да развие вакцина. Второто испитување за таа вакцина штотуку започнало кога на почетокот на годинава, во  Кина се појави ковид-19. Гилберт сфатила дека можеби ќе може да го користи истиот пристап како во случајот со МЕРС.

– Бевме брзи. Додека кинеските научници ја објавија генетската структура на новиот вирус, вакцината горе-долу веќе беше создадена. Кога станува збор за човечките животи, навиките на Гилберт беа чудни, таа започнуваше да работи во 4 часот наутро, а работеше до доцна во ноќта – вели Тереза Ламбе, колешка на Гилберт. 

Гилберт вели дека пронајдената вакцина не била трка со другите истражувачи, ниту пак трка за правење профит. 

– Ние сме дел од универзитетот, и ова за нас не е начин на правење профит – тврди Гилберт. 

За неуморната професорка пофални зборови имаат и нејзините студенти и колеги, кои знаат дека таа е скромна и сака да биде подалеку од фокусот на сечие внимание.

– Понекогаш мислам дека таа може да биде прилично срамежлива и се држи настрана од луѓето. Некои студенти и колеги секогаш беа малку заплашени од неа. Но, кога ќе ја запознаете подобро сфаќате дека таа не е воопшто страшна –  изјави еден од нејзините колеги.

Но, вниманието на светот сега е насочено кон Гилберт и неколку други светски научници кои секојдневно работат на усовршување на ковид-вакцината, а со тоа, и на спасување на човечките животи.
 
– Таа апсолутно ќе го мрази периодов, бидејќи твоопшто не сака да биде во центарот на вниманието – вели биохемичарката Ана Мур, нејзина пријателка.