Додека ковид-19 ги затвора училиштата, децата се принудени да работат

180

Автори: Џефри Гетлман и Сухасини Раџ

Њујорк тајмс

Секое утро пред јавниот станбен блок „Девараџ Урс“ на периферијата на градот Тумакуру, мноштво деца излегуваат на улицата. Децата не одат на училиште. Наместо ранци и книги, секое дете носи валкана, пластична вреќа за ѓубре. Родителите на овие деца на возраст од шест до четиринаесет години секој ден ги испраќаат да пребаруваат пластика за рециклирање по контејнерите полни со искршено стакло и градежен шут. Заработуваат неколку центи на час, а повеќето не носат ракавици или маски. Многумина не можат да си дозволат да купат обувки, па затоа трчаат боси и раскрвавени.

Единаесетгодишниот Рахул, кого наставничката го смета за многу паметен ученик, воопшто не ја сака оваа работа. Но во март, Индија ги затвори училиштата поради пандемијата на коронавирусот, а Рахул мораше да почне да работи.

Во многу делови од земјите во развој, затворањето на училиштата ги остави децата на улиците. На семејствата очајно им се потребни пари. Децата се најлесен извор на евтина работна сила. Иако во САД и во другите развиени земји се дебатира за ефикасноста на далечинското учење, сепак стотици милиони деца во посиромашните држави немаат компјутери, пристап до Интернет или воопшто не се вклучени во образовниот процес.

Обединетите Нации (ООН) проценуваат дека најмалку 24 милиони деца ќе се отпишат од училиште, а милиони да бидат принудени на детски труд. Десетгодишни деца сега работат на наоѓалишта за ископување на песок во Кенија. Деца на иста возраст работат на плантажите за какао во Западна Африка. Во Индонезија, момчиња и девојчиња на осум години работат и просат како живи статуи обоени во сребрена боја. Напливот на детски труд може да го оспори напредокот што се постигна во изминатите години, во однос на бројот на запишани деца во училиште, писменоста, социјалната мобилност и на детското здравје.

Детскиот труд е само еден дел од светската катастрофа која се заканува. Силен глад демне кај децата од Авганистан до Јужен Судан. Расте бројот на принудни бракови меѓу девојчињата во Африка и во Азија, според претставниците на ООН, но во подем е и трговијата со деца. Хуманитарните работници во Кенија истакнаа дека многу семејства ги принудуваат своите ќерки во тинејџерските години да се проституираат за да заработат за храна. На други аспекти од општеството им беше дозволено да отворат. Разочараните поборници за детски права прашуваат зошто баровите, вежбалниците, рестораните и метроата функционираат, но не и училиштата?

Училишните деца во Индија извршуваат најразлична работа, од виткање на цигари и редење цигли до служење чај во борделите, според над 50 интервјуа што беа направени со деца, нивните родители, наставници, работодавачи и детски активисти. Во повеќето случаи станува збор за незаконска и опасна работа. Индија веќе има сериозен проблем со детскиот труд поради големата сиромаштија, населението од 1,3 милијарди жители и зависноста од евтина работна сила. Сомнителните фабрики за огномет и производство на цигари, текстилни фабрики и слабо регулирани градилишта честопати вработуваат деца. Властите вршат контроли и ги враќаат децата на училиште, особено девојчињата.

Многу експерти за деца рекоа дека кога децата ќе се испишат од училиште и ќе почнат да заработуваат, многу е тешко повторно да се вратат назад во школските клупи. Индија даде наредба да останат затворени основните училишта на неодредено време што ќе влијае врз над 200 милиони деца, иако некои државни наставници ги посетуваат учениците дома и предаваат во мали групи. Централната власт им дозволи на средношколците да ги посетуваат наставниците во рамки на училишните објекти, но во многу провинции и тоа е забрането. Активистите за детски права се вчудоневидени колку малку се зборува за затворањето на училиштата. Индискиот премиер Нарендра Моди и неговите највисоки министри во своите говори се фокусираа на отворањето на економијата, но не и на училиштата.

Многу од интервјуираните родители рекоа дека се под огромен притисок нивните деца да почнат да работат. (децата во оваа статија беа интервјуирани со дозвола од родител).

– Потребна ни е нивната плата. Без нив не би можеле да имаме пари ниту за два оброци – вели Мохамед Мустаким Ансари, недоволно ангажиран ѕидар и татко на Мумтаз и Шахнаваз.

Во Индија, на децата под 14 години им е забрането да работат освен ако тоа не е семеен бизнис како фарма или во други ретки околности, како глумата. Забранет им е пристапот на опасни работни места како градилишта и фабрики за цигари. Но поради нарушувањето предизвикано од пандемијата, претставниците на УНИЦЕФ велат дека има помалку работни инспекции. Многу деца сега не сакаат да станат рано наутро, затоа што на тој начин им завршува нивното детство.

Превод: Билјана Здравковска