Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш рече дека затворањето на границите поради новиот сој на коронавирус омикрон е многу неправедно, казнено и неефикасно, нарекувајќи го еден вид на форма на апартхејд кон Африка.

– Со вирус што не познава граници, ограничувањата за патување што изолираат една земја или регион не само што се длабоко неправедни и казнени, туку се и неефикасни, им рече тој на новинарите, додавајќи дека смета дека е скандалозно да се осуди Африка затоа што има ниска стапка на вакцинација.

Шефот на ОН рече дека земјите не треба да бидат колективно казнети за споделување клучни научни и епидемиолошки информации со светот.

Тоа е неправедно и неморално, повтори тој.

– Затоа, упатувам силен апел, апел до разумот. Имаме инструменти за безбедно патување. Ги користиме тие инструменти за да избегнеме таков вид на апартхејд, што го сметам за неприфатливо – нагласи Гутереш.

Африка нема доволно вакцини за своето население, ги нема потребните финансиски средства за закрепнување на економијата, ги трпи најтешките последици од климатските промени, иако не придонесе за тоа и ги нема потребните ресурси за да изгради отпорност, изјави генералниот секретар на ОН.

Застанувајќи покрај него, претседателот на Комисијата на Африканската унија Муса Факи Махамат, исто така, го осуди стигматизирањето, нагласувајќи дека помалку од 6 отсто од Африканците се вакцинирани, повикувајќи на меѓународна солидарност.

– Ги повикувам владите да претпочитаат да ги земат предвид тестовите за патници, како и други соодветни и навистина ефективни мерки – додаде Гутереш.

Новиот сој на коронавирус, наречен омикрон, веќе е откриен на сите континенти, но Европа се чини дека е најтешко погодена и почна, како и другите земји, да ги заострува мерките и да воведува гранични контроли и да ги забранува патувањата од Јужноафриканската Република.