Гутереш: Коронавирусот ќе уништи генерации поради затворањето на училиштата

190

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш предупреди дека светот се соочува со „генерациска катастрофа“ поради затворањето на училиштата во екот на пандемијата со коронавирус.

Гутереш изјави дека пандемијата на коронавирус довела до најголемо нарушување на образованието во историјата во повеќе од 160 држави што ќе влијае врз повеќе од милијарда ученици. Покрај тоа, најмалку 40 милиони деца ширум светот ја пропуштиле „својата критична предучилишна година“.

Како резултат на тоа, тој предупреди дека светот се соочува со „генерациска катастрофа што може да доведе до губење на незамислив човечки потенцијал, да поткопа децении напредок и да ги влоши вкоренетите нееднаквости“.

– Ние сме во клучен момент за децата и младите од овој свет – рече Гутереш во видео пораката на започнувањето на кампањата „Спаси ја нашата иднина“.

Тој оцени дека враќањето на учениците во училниците треба да биде главен приоритет.