Германија прва во ЕУ ќе почне да користи третман со антитела

116

Германија ќе стане првата земја-членка на ЕУ што ќе започне да користи експериментален третман со антитела, кој му помогна на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да оздрави од ковид-19, изјави министерот за здравство Јенс Шпан.

„Владата купи 200.000 дози за 400 милиони евра“, изјави Шпан за германскиот весник „Билд ам Зонтаг“.

Таканаречените моноклонални коктели со антитела ќе бидат распоредени во универзитетските болници следната недела, рече тој, додавајќи дека Германија е првата земја во ЕУ што ќе ги користи во борбата против пандемијата, објави британскиот весник „Гардијан“.

Шпан не откри кој е производителот што ќе ги доставува лековите, но потврди дека станува збор за истиот лек што го добил поранешниот американски претседател Трамп.

– Тие дејствуваат како пасивна вакцина. Овие антитела може да им помогнат на пациентите со висок ризик да избегнат посериозна прогресија на болеста – рече Шпан.