Германија ги повика граѓаните да не патуваат во високоризични земји

225

Германија ги повика своите граѓани да престанат да патуваат во земји и региони за кои се смета дека се изложени на голем ризик од пандемијата на коронавирус и најави планови за построги правила за карантин.

– Излезе дека непропорционално голем број на патници кои се враќаат (од региони со висок ризик) се тестирани позитивно – рече германската канцеларка Ангела Меркел пред новинарите по состанокот со лидерите на 16 германски држави.

Германија успеа да го задржи бројот на заразени и починати од Ковид-19 релативно низок, во споредба со другите големи европски земји, со 237.936 заразени и 9.285 починати. Сепак, дневниот број на ново заразени лица расте од почетокот на јули и се забрза во последните неколку недели.

Изминатите неколку недели, локалните епидемии што започнаа на свадби, семејни собири и забави на плажа надвор од земјата доведоа до повици за забрана на настани каде не можат да се почитуваат правилата за физичко растојание.

Најверојатно, од октомври, секој што бил во карантин затоа што патувал во земја со висок ризик, нема да има право на компензација за изгубениот приход, предупреди Меркел.

Германија има список на високо ризични земји и региони, повеќето од нив се надвор од Европа. Сепак, неодамна, таа додаде на својата листа голем број на региони во рамките на Европската унија, вклучувајќи ги Париз, францускиот Азурен брег и поголемиот дел од Шпанија.

15 од 16 германски држави се согласија на минимална казна од 50 евра за неносење маска таму каде што е задолжително, како што е случајот во продавниците и во јавниот превоз.

– Короната целосно се врати во Германија. Нема никаква смисла повторно да има публика на фудбалски натпревари од септември – рече премиерот на Баварците, Маркус Соудер, на заедничката прес-конференција со Меркел.