Германија воведе задолжително тестирање на коронавирус на аеродромите

95

Бројот на заразени со коронавирус во Германија многу загрижувачки расте, најверојатно и поради големиот број повратници од ризични земји, пишува „Дојче веле“.

Поради тоа, земјата воведе задолжително тестирање, кое почнува да важи од утре, во спротивно ќе следуваат големи парични казни.

Најголемиот германски аеродром во Франкфурт на Мајна добро е подготвен за тестирања, кои ги најави сојузниот министер за здравство, Јенс Шпан. Деветнаесет кабини за тестирање се подготвени на аеродромот веќе неколку недели. Патниците во нив досега можеа доброволно да се тестираат доколку пристигнале од некои од ризичните земји. Сега тоа ќе биде задолжително.

„Пандемијата не е готова“, изјави Шпан.

Тој стравува дека кон крајот на летниот распуст во многу германски сојузни покраини, со враќањето на туристите од ризични области, бројот на заразени дополнително ќе почне да расте.

Актуелните бројки се вознемирувачки. Институтот „Роберт Кох“ соопшти дека во средата се регистрирани 1.045 новозаразени. Толку заразени во еден ден немало од мај и тоа би можело да биде почеток на нов бран.