Гаф на Твитер ги откри доверливите цени на вакцините за ЕУ

269

Белгиската државна секретарка за буџет, Ева де Бликер, вчера на Твитер случајно објави табела со цените на секоја набавена ковид-вакцина од страна на Европската Унија и колку вкупно Белгија ќе потроши на вакцини, пренесува „Политико“. 

Според белгискиот сајт „ХЛН“, објавата оттогаш е избришана, но сајтот објави т.н. „скриншот“, односно зачувана фотографија од објавата пред да биде тргната. Европската комисија соопшти дека не може да ги открие цените за секоја вакцина, повикувајќи се на договори за доверливост. 

Граѓански организации, пратеници и здравствени застапници постојано повикуваа Комисијата да открие за јавноста колку плаќа за вакцините, тврдејќи дека зделките што вклучуваат средства на даночни обврзници треба да бидат потранспарентни.

Европската Унија ќе потроши од 1,78 до 18 евра по вакцина. Според објавата, ова се цените за секоја од шесте вакцини:

– Оксфорд/АстраЗенека: 1,78 евра
– Џонсон и Џонсон – 8,5 евра
– Санофи/ГСК – 7,56 евра
– Фајзер/Бајоентек – 12 евра
– КјурВак – 10 евра
– Модерна – 18 евра 

Белгија ќе набави 33 милиони вакцини за 279 милиони евра. Де Бликер рече дека објавувањето на цената е грешка од страна на тимот за комуникации. Сепак, на реакцијата на пратениците за потенцијалните последици од кршење на доверливоста, Де Бликер рече дека грешката нема да загрози ништо. 

– Нема да коментираме што се случи во Белгија, но цените на вакцините се доверливи – изјавија од Европската комисија, објави „ХЛН“.