Во Словенија 1.656 нови случаи на коронавирус – се затвораат рестораните, хотелите, трговските центри

116

Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 1.656 нови случаи на коронавирус, нешто помалку од претходниот ден. Бројот на хоспитализирани лица и бројот на смртни случаи продолжува да расте, поради што Владата вчера донесе одлука за привремено „заклучување“ што ќе трае најмалку една недела.

Бројот на нови случаи во последните 24 часа е нешто помал од претходниот ден, кога имаше рекордни 1.663, но процентот на позитивни тестови повторно е многу висок – 24,6 проценти.

Вкупниот број на заболени од почетокот на епидемијата во Словенија е 19.307. Активни се 11.434 случаи, 394 лица се лекуваат во болница, од кои 67 се на интензивна нега, соопшти Министерството за здравство.

Бројот на смртни случаи е, исто така, зголемен во споредба со вчерашните 210, па сега има 214.

Поради загрижувачкиот раст на бројот на заразени, словенечката влада минатата недела прво прогласи делумна „блокада“ во епидемиолошки „црвените“ региони, а вчера ограничувањата беа засилени, па поголемиот дел од јавниот живот ќе биде запрен следната недела, како и дел од економските активности низ целата земја.

Премиерот Јанез Јанша вчера изјави дека владата донела одлука сите ресторани, хотели и трговски центри да бидат затворени најмалку една недела, со исклучок на оние што ги нудат потребните прехранбени производи, градежни и технички материјали.

И студентските домови и повеќето градинки се затворени, а јавниот превоз ќе работи со третина од капацитетот.

Затворањето важи и за повеќето спортски активности како и за козметичките и фризерските салони.

Повеќето од новите ограничувачки мерки стапуваат денеска на сила. Забраната за напуштање на подрачјето на родните региони сè уште важи, а владата најави дека ќе го забрани и движењето надвор од матичните општини доколку сегашните ограничувања не функционираат.