Во светот се воведуваат нови рестрикции – надеж влеваат завршните испитувања за вакцина

95

Милиони луѓе се соочени со нови рестрикции, додека расте бројот на заразени со коронавирус во светот, но надеж пружа почетокот на завршната фаза од тестирањето на вакцината против ковид-19 на американската компанија Модерна.

Владите на земјите во поголем дел од светот повторно воведуваат мерки за ограничување на новиот бран на ширење на коронавирусот, додека бројот на случаи во светот надмина 13,2 милиони, со над 576 илјади починати од ковид-19.

Делови на азиско-пацифичкиот регион, кој досега беше мошне успешен во справувањето со епидемијата, поради порастот на новозаразени, повторно воведе рестрикции. Хонгконг денеска повторно ги затвори кафулињата, теретаните и салоните за убавина, а ги забрани и собирите на повеќе од четири лица, во борбата против новиот бран на заразата, откако со месеци успешно го држеше под контрола вирусот. Многу жители на Хонгконг од почетокот на пандемијата, доброволно носеа маски, но сега тие станаа задолжителни во јавниот превоз. Вонредна состојба е прогласена и во Токио, каде властите предупредија дека бројот на заразата достигнува нови рекорди.

Индиската сојузна држава Бихар, во која живеат 125 милиони луѓе, објави 15-дневен карантин, кој почнува утре.

Австралиските власти денеска ги повикаа граѓаните да држат физичка дистанца, додека околу 5 милиони жители на Мелбурн уште од минатата недела се во изолација од останатиот дел од земјата, за да се спречи ширењето на коронавирусот опд тоа жариште.

Секој ден во САД се пријавуваат нови десетици илјади заразени, а државните и локалните власти повторно воведуваат мерки кои веќе беа укинати. Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, само вчера во САД биле заболени 63.000 луѓе.

Сепак, надеж влева најавата на американската компанија Модерна дека на 27 јули, ќе бидат изведени завршните испитувања за вакцина против ковид-19. Се работи за трета, клучна фаза во испитувањето на вакцината мРНА-1273 на луѓе. Клиничкото испитување ќе го води Националниот институт за здравство, а американската влада во тој проект на Модерна вложила близу половина милијарда долари. Се смета дека оваа компанија отишла најдалеку во глобалната трка за развој на вакцината. Иако оваа студија би требало да трае до 2022 година, прелиминарните резултати би требало да бидат познати многу порано.

Завршните клинички испитувања ќе бидат извршени на 87 локации, сите во САД. Ќе бидат вклучени околу 30.000 возрасни лица кои имаат големи изгледи да се заразат со коронавирус. За време на испитувањата ќе се спореди бројот на новозаразени меѓу лицата кои ја примиле новата вакцина и меѓу оние кои добиле плацебо.

Водечкиот американски експерт за епидемии, Ентони Фаучи првите резултати од вакцината на Модерна ги нарече охрабрувачки. Тој минатата недела предупреди на прераното укинување на мерките против коронавирусот, нагласувајќи дека многу Американци се премногу неодговорни.