Во Италија маските стануваат задолжителни и на отворено

125

Италија наложи задолжително носење маски во целата држава и на отворено, соопшти Министерството за здравство откако владата ја одобри мерката.

Италија повторно забележува пораст на бројот на новозаразени во последните два месеца откако во првиот бран од март до мај годинава беше најголемо жариште во Европа на заразени од коронавирус.

Одредбата за задолжително носење маски на отворено веројатно ќе стапи на сила в четврток, откри владин извор.

Заштитните маски на отворено веќе се задолжителни во некои региони на Италија, како, на пример, на Сицилија, во Кампанија и во Лацио. Правилото не се однесува на деца до шест години, граѓани со посебни потреби, гости на кафулиња и ресторани на отворено и оние што вежбаат или спортуваат.

– Маските се клучна алатка во борбата против ширењето на ковид-19, особено кога ќе сретнете луѓе што не се ваши цимери – рече во парламентот во вторникот италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца, кога ја објави одредбата.

Владата исто така донесе одлука за продолжување на вонредната состојба до 31 јануари.

Италија има најголем број смртни случаи од коронавирус меѓу земјите од континентална Европа – 36.000. Денешниот број на новозаразени е помал во споредба со другите европски земји, како што се Франција, Шпанија и Велика Британија.