Во Африка речиси милион случаи на коронавирус, половина се од една земја

49

Јужна Африка има повеќе од половина милион потврдени случаи на ковид-19, соопшти Министерството за здравство на земјата, дидека во цела Африка заразени се речиси еден милион луѓе.

Индустриски најразвиената африканска земја има регистрирано 10.107 нови случаи на коронавирус, и со тоа вкупната бројка на заразени порасна на 503.290, соопшти Министерството.

Првиот случај во Јужна Африка е регистриран пред пет месеци, а досега биле тестирани нешто повеќе од три милиони луѓе, додека вкупно 8.153 починале.

На африканскиот континент, регистрирани се вкупно 934.558 случаи на инфекција со коронавирус, починале 19.752, а излечени се 585.567, според податоците со кои располага Ројтерс.

Јужна Африка воведе целосен карантин кон крајот на март за да се спречи ширењето на вирусот, но сега ги олесни ограничувањата поради зајакнување на економската активност.

Експертот на Светската здравствена организација Мајк Рајан минатата недела предупреди дека јужноафриканското искуство покажува што може да се случи на целиот континент. Вели дека тешкотијата, ако не и невозможноста, на социјалното дистанцирање во сиромашните, густо населени африкански урбани области го олеснува ширењето на вирусот.