Воспоставување на иднината за градовите по ковид-19

115

Градовите беа најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот. Дарио Нардела, градоначалникот на Фиренца, прогласува општествена и економска кризна состојба во неговиот град, која постои и во многу други градови во Европа. Тој тврди дека градовите се од клучно значење за одржливото закрепнување во Европа

Во мојата држава Италија, докторите и медицинските сестри се соочија со тешка одлука во екот на корона-кризата, односно одлучуваа кој да биде спасен, а кој да умре поради недостигот од респираторни машини за сите пациенти. Ние мораме да се сториме сè што е во наша моќ за да спречиме повторно да се појави ваков проблем. Мораме да сториме сè што е во наша моќ за да спречиме слична дилема да се случи во нашето општество, во нашите градови.
Во мојот град Фиренца се соочивме со финансиските предизвици на кризата. Недостигаат над 200 милиони евра од туристички данок и други приходи од посетителите, а ова е само почеток. Истовремено, нашите трошоци за ранливите категории драматично се зголемуваат поради пандемијата и карантинот.

Градовите беа најтешко погодени од кризата. Државната помош предложена за општините ни оддалеку не ги задоволува нашите потреби. Без дополнителни средства, градовите како мојот ќе бидат принудени да воведат намалување на услугите. Тоа би нѐ довело до ситуација кога ќе мораме да одлучуваме кои услуги ќе функционираат, а кои ќе бидат укинати.
Ако дојде до тоа, јас веќе одлучив кој ќе биде мојот чекор: подготвен сум да го исклучам јавното осветлување. Попрво би се одлучил на ваков чекор наместо да ја скратам негата за постарите и хендикепирани лица или за загрозените семејства. Состојбата е сериозна. Како градски татковци, ние сме во првите борбени линии во служба на граѓаните. Ако паднеме ние, сè друго ќе се распадне.

Но верувам дека секоја криза нуди и можности. Не само што е време за итна помош туку е и време да изградиме подобра иднина. Наместо да го исклучам светлото во мојот град, сакам градовите да го осветлуваат патот. Постојат многу примери како може „новата нормала“, за која се подготвуваме, да стане нов почеток.

Сообраќајот е еден пример.
Поради воведените рестрикции на движењето, беше и сè уште е намален сообраќајот на патиштата, има помалку бучава и загадување. Дали навистина би сакале да се вратиме на стариот начин? Дали навистина сакаме да ѝ помогнеме на автомобилската индустрија, како што порачуваат некои од европските влади, преку субвенции за автомобили со внатрешно согорување?

Со просечниот век од 11 години за патнички автомобили во Европа, тоа би значело одложување на климатските цели за повеќе од една деценија. Јасно е дека не можеме да си го дозволиме тоа.
Можеме да сториме многу повеќе, како што веќе покажаа некои градови. Големи делови од Лондон веќе се претворени во зони без автомобили по олеснувањето на рестриктивните мерки за движење. Улиците се претворени во зони за движење на пешаци, велосипедисти и на автобуси, а мојот колега Садик Кан вели дека „улиците на Лондон беа пренаменети за луѓето“. Ова ќе биде најголемата зона без автомобили во кој било главен град во светот.

И во други градови постои ваква амбиција. Милано летово ќе претвори 35 километри од улиците во пешачки и велосипедски патеки. Многу други градови ќе сакаат да ги задржат сегашните велосипедски патеки, кои беа воведени за време на рестриктивните мерки, и да го преуредат јавниот простор за позелена, почиста и поздрава иднина.

Втор пример е туризмот.
Како град на уметноста, Фиренца речиси во целост зависи од приходите од над 11 милиони преноќувања годишно. Знаејќи дека туризмот сега ќе биде поинаков, ние гледаме шанса да развиеме поодржлив модел, кој ќе го замени масовниот со квалитетен туризам. Со новите регулативи на урбаното планирање, сакаме да ги вратиме жителите во центарот на Фиренца. Општината сака да им понуди договори на сопствениците на куќи со поволности за изнајмување апартмани на локални семејства наместо на туристи.

Трет пример е економијата.
Амстердам воведе нова рамка за закрепнување од пандемијата, односно таканаречениот „модел на крофна“. Тој има цел да ги надмине традиционалните економски парадигми, со што приоритет би се ставил на потребите и добросостојбата на сите луѓе и средината.
Користа од ваквиот пристап беше поддржана со една скорашна студија на истражувачите во Оксфорд, која покажа дека проектите за еколошки стимул, како инвестициите во зелена мобилност, обновлива енергија и подобрување на енергетската ефикасност на објектите, ќе отворат повеќе работни места и ќе создадат повисоки краткорочни придонеси.

Можеме да изградиме многу подобра иднина. За да успее тоа, потребна ни е нова соработка меѓу градовите, регионите, државите и Европската Унија (ЕУ). На градовите им е потребен директен и брз пристап до државните и европските фондови, зашто во спротивно ќе пропаднеме. Во замена за тоа, градовите имаат многу нешта да понудат. Ние веќе соработуваме надвор од границите со сите земји во Европа за да учиме едни од други и да ги споделуваме најдобрите практики. Ние може да поттикнеме национални и европски политики за подобро да ги изградиме нештата и да создадеме одржливо закрепнување.
Градските татковци се подготвени за нов пакт во Европа. Заедно можеме новата нормала да ја претвориме во нов почеток за подобра иднина за сите.

(Авторот е градоначалник на Фиренца и потпретседател на мрежата на големи европски градови „Еуроситис“)