Болницата во Бергамо ја дочека победата

142

Во болницата „Папата Јован“ во Бергамо, Италија, нема повеќе пациенти со коронавирус на одделот за интензивна нега, 137 дена откако бил примен првиот пациент. Овој град кој се наоѓа во Ломбардија беше еден од најпогодените од пандемијата.

Веста ја објавија докторите кои со победнички аплауз влегле во болницата по што следувал едноминутен молк во чест на починатите од ковид-19.

„Победата дојде“, рече Лука Лорини, директор на одделот за итни случаи во болницата.

Марија Беатрис Стаси, генерален директор на болницата, ја опиша глетката на одделот како момент на голема емоција.

„Денес конечно ги гледаме нашите лекари и медицински сестри облечени во нивните вообичаени униформи“, рекла таа за весникот „Ла стампа“.

Одделот за интензивна нега во оваа болница беше на првата линија во борбата со коронавирусот, справувајќи се со илјадници смртни случаи. Болничките капацитети беа преполни во екот на кризата.

Во Бергамо од вирусот починаа близу 6.000 лица.