Биолошка војна или бумеранг на природата

2530
Карикатура: „Нова Македонија“

Теориите за светски заговор и за ковид-19 како оружје не стивнуваат

Дали новиот коронавирус, всушност, е биолошко оружје? Или, пак, вирусот се создал со една природна селекција или мутација, кои го направиле исклучително позаразен од другите вируси? Засега може само да се нагаѓа, затоа што не постојат цврсти докази за тоа. Во такви околности, кога нема никакви релевантни докази, анализите секогаш треба да се базираат исклучиво на познати факти, па дури потоа секој од нас може да дојде до сопствен заклучок

Во списанието за геополитички анализи и стратегиски истражувања „Геополитика њуз“, деновиве беше публикуван интересен поглед на актуелната ситуација во светлината на пандемијата на коронавирусот. Имено, беше објавена анализата на Зоран Метер, во која се вели дека кога не постои опција за конвенционална или нуклеарна војна помеѓу најголемите светски сили (што би значело и сеопшто уништување), можеби се соочуваме со некој друг вид војување, многу посуптилен и потежок за детектирање. Биолошката војна создава еднакво погубни последици во однос на човечки жртви, рушење на стабилноста на државите и нивната економија, како и крах на финансиските и сите други ресурси.

Дали новиот коронавирус, всушност, е биолошко оружје? Засега може само да нагаѓаме, затоа што не постојат цврсти докази за тоа. Во такви околности, кога нема никакви релевантни докази, анализите секогаш треба да се базираат исклучиво на познати факти, па дури потоа секој од нас може да дојде до сопствен заклучок.

Во каков контекст во анализата се поместени настаните што се случија, а се поврзани со коронавирусот?

Аналитичарот кратко набројува неколку настани од геополитичка гледна точка. Како прво, тој издвојува дека коронавирусот се појави минатиот декември, во екот на големата трговска војна помеѓу САД и Кина. Прв на удар беше најголемиот кинески сообраќаен центар, 11-милионскиот Вухан, градот што е појдовна точка за глобалниот инфраструктурен проект „Еден појас – еден пат“, на чија реализација САД остро се спротивставија, потсетува во својата анализа Метер.

Како второ, епидемијата од Кина набргу се прошири кон Јужна Кореја и Иран, потоа кон Италија и остатокот од Европа. Интересно е што САД немаат потпишано трговски договор со Јужна Кореја. Ако некој од вас помисли дека тоа воопшто не е важно, само да ве потсетам дека Доналд Трамп неодамна на својствен начин ја демонстрира својата лутина во однос на овој факт. Веднаш откако наградата „оскар“ за најдобар филм отиде во рацете на јужнокорејскиот „Паразит“, Трамп изјави дека е недозволиво и срамно оваа награда да ја добие земја „со која САД сѐ уште немаат потпишано трговски договор!“.

Кога станува збор за Иран, не се потребни никакви објаснувања, со оглед на фактот дека главна цел на Трамп не е само промена на власта во оваа земја, туку и рушење на актуелното политичко уредување, кое беше воспоставено по Исламската револуција во 1979 година, по која САД и Иран престанаа да одржуваат какви било дипломатски односи.

Освен тоа, Иран е централната држава низ која поминува кинескиот Пат на свилата; Италија е крајната и најважна точка во овој кинески инвестициски мегапроект; конечно, тука е и ЕУ како главна пречка за плановите на Трамп да го контролира целиот евроатлантски простор. Да не заборавиме, за Американците Европската Унија е голем трговски конкурент кому треба да му се застане на патот. Повторното подигнување на внатрешните граници во рамките на Унијата заради стравот од ковид-19 и екстремното исцрпување на европските земји и нивните економии, полека би создало, според САД, најповолни услови за конечен распад на оваа креација, неспособна за справување со сериозни проблеми (најмногу безбедносни, какви што се тероризмот, огромниот миграциски бран или руската закана) и која, згора на сѐ, има недостиг од внатрешна кохезија и меѓусебна солидарност.

За жал, ваквиот американски впечаток за ситуацијата во ЕУ не е далеку од вистината – европските елити ќе мора многу сериозно да се зафатат со решавање на насобраните проблеми, ако воопшто сакаат да ги зачуваат ЕУ и нејзините глобални амбиции. И уште еден, не помалку важен факт: вирусите не гледаат каков пасош имате, ниту пак прашуваат за националност или пол, што значи дека слободно и непречено ги поминуваат државните граници.

Дефицит на солидарност и суфицит на меѓусебни обвинувања

Досега, слични ситуации редовно резултираа со сеопфатна меѓународна солидарност и заедничка борба за надминување на опасните пандемии. Меѓутоа, овој пат се случува нешто сосема спротивно – „солидарноста“ се сведе на локално ниво и во рамките на сопствените граници. Интересно е што наместо поддршка и соработка, насекаде летаат меѓусебни обвинувања за тоа кој е виновен за ваквата состојба.

Сепак, најсилните обвинувања што деновиве доаѓаат од страна на високите политички кругови се токму оние помеѓу САД и Кина. И додека Трамп постојано зборува во јавноста за „кинескиот вирус“ и „опасноста за американската економија, која доаѓа од Кина, земја што треба да се казни“ (изјава дадена пред да ја започне трговската војна против Пекинг), а американската јавност сѐ почесто и поотворено изразува расистички пароли на социјалните мрежи, зборувајќи за „жолтата опасност“, која е виновна за сѐ, минатата недела се појави и првото обвинување за САД од страна на кинеското Министерство за надворешни работи. Во него се вели дека првиот случај на коронавирусот е регистриран токму во САД и дека можеби во Вухан бил донесен од американски војници, кои биле дојдени да учествуваат на американско-кинеските воени игри. „Сево ова мора да биде објаснето од страна на САД“, се вели во официјалната реакција на Кина. Разбирливо е, но и многу индикативно, што ваквите обвинувања и контраобвинувања сѐ повеќе се засилуваат.

Едно е јасно: ако се докаже дека ковид-19 е намерно создаден во некоја од државите, целиот светски гнев и барањето огромни финансиски компензации за сите настрадани и за економските загуби, со право би паднале на грбот на креаторот на вирусот.
Ете, овие се засега неоспорните факти врз кои треба да се потпреме во обидот да одговориме на прашањето од насловот на оваа анализа. Така ќе ги избегнеме шпекулациите и опасноста некој да нѐ смести во групата на т.н. теоретичари на заговор. Кон овие факти, добро познати за пошироката јавност, ќе додадам уште неколку – помалку познати или одамна заборавени – како дополнителна помош во носењето логичен заклучок, а кои со сигурност нема да ве остават рамнодушни.

„Нејчр“, 2015 г.: „Вештачки создадениот вирус од лилјак поттикна дебата во врска со ризичните научни истражувања“

Угледниот и најстар американски научен магазин „Нејчр“ (Nature) – во кој не може да пишува никој што нема авторитет на врвен и докажан научен експерт – на 12.11.2015 објави напис со наслов „Вештачки создадениот вирус од лилјак поттикна дебата во врска со ризичните научни истражувања“. Во него се наведува дека американските научници успеале во своите лаборатории да создадат своевиден таинствен вирус, способен брзо да ги зарази луѓето. Овој вирус мутант бил креиран врз база на коронавирусот од кинеските лилјаци (СХЦ014-КоВ), имал висок степен на заразност и голема способност за ширење, при што американските стручњаци предупредија за тешките последици од инфицирањето со него. Официјална причина за создавањето на „американската химера“ (во генетиката, химера претставува единечен организам составен од генетички различни клетки) било проучувањето на можноста за појава на нови вируси и описот на нивниот степен на заразност.

Технички, процесот на генетски инженеринг изгледал вака: се земал вирусот СХЦ014-КоВ од белите дробови на кинеските лилјаци и се спојувал со човечкиот вирус САРС. На тој начин, првиот се стекнал со својствата на вториот, па оттука добил способност да навлезе во човековото тело и да го инфицира. Уште истата година, голем број истакнати виролози ја критикуваа работата на своите американски колеги, предупредувајќи дека тие со својата неодговорност го ставаат светот во опасност од глобална епидемија на вештачки создаден вирус. Едно од најсимптоматичните предупредувања беше токму она што се однесува на опасност од тешка пневмонија (запаление на белите дробови).

Денес една од главните теории за појавата на ковид-19 е дефинитивно онаа што вели дека вирусот потекнува од лилјаците во Вухан (има и такви што веруваат дека вирусот „избегал“ од тамошниот биолошки институт), кој потоа ја заразил храната на отворените градски пазари и оттаму се пренел на луѓето. Меѓутоа, ковид-19 во белите дробови на луѓето се однесува речиси идентично на СХЦ014-КоВ. Всушност, токму тука е целата приказна: американските научници сакаа да истражат дали животински вирус може да се пренесе на луѓе и – го докажаа тоа. Проблемот е што ние не знаеме ништо повеќе од ова. Дали тука бил крајот на истражувањето? Дали опасните вируси мутанти биле уништени по експерименталното создавање? Никој не го знае тоа, а веројатно никогаш и нема да го дознаеме, објаснува Метер.