Бил Гејтс е вистинскиот тајкун за корона-ерата

1117

„Ме заморува кога разговарам со богати луѓе“, кажа Теодор Рузвелт кој и самиот е производ на богатство. „Очекувате од човек со милиони, главата на голема индустрија, да биде човек кој е вредно да го слушнете. Но како по по правило тие не знаат ништо надвор од нивниот бизнис“. Да поминеше Теодор Рузвелт време со Бил Гејтс, полиматот кој ја предвиде пандемијата на конференцијата ТЕД, тој веројатно ќе го сменеше мислењето, пишува Тимоти Еган во колумната за „Њујорк тајмс“.

Гејтс е насекаде деновиве, тој е господин Роџерс (се мисли на телевизиската личност Фред Роџерс, кој ја водеше емисијата „Соседството на господин Роџерс“ – н.з.) за љубопитните и за оние во карантин. Додека САД се предаваат во глобалната војна против болеста без граници, Гејтс ја пополни празнината. САД се изолирани, сожалувани и прекорувани. Гејтс, во одредена мера, е човек што предизвикува најголемо восхитување во светот.

Покрај 300-те милиони долари кои фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс ги даде за да го спречи ширињето на вирусот, Гејтс се постави себеси за гласноговорник на науката.  А на науката и е потребен гласноговорник. Додека претседателот Трамп шири животозагрозувачки бесмислици, Гејтс мирно објаснува како протеин од коронавирусот се вклопува во итниот лов по вакцина.

Тој е пророк кој предупреди во 2015 година дека пандемијата е поголем ризик за човештвото од нуклеарната војна. Пет години претходно тој ја предвизвика светската здравствена заедница да се обврзе кон деценија на вакцини и вложи 10 милијарди долари за да отпочне проектот.

Во 2018 година, тој застана на бина во Пекинг држејќи тегла со човечки измет на изложбата за реосмислување на тоалетот, како начин да потенцира дека околу 500 илјади деца умираат секоја година од болести повразни со лошата санитација – проблем со кој се справува неговата фондација.

Тој се појавува на Фокс њуз и на Ем-ес-ен-би-си. Тој редовно разговара со д-р Ентони Фаучи и му доставува белешки со пандемијата на Стивен Колбер. Тој го препорачува романот „Џентлмен во Москва“ од Ејмор Тоул на неговиот личен блог, каде што исто така ја фали искреноста на „Овие Вистини“ на Џин Лепор.

Дали е потребно да знам дека тој и Мелинда уживаат во телевизиската серија „Ова сме ние“? Не. Но додека дадоа повеќе од 50 милијарди долари како самоопишани „нестрпливи оптимисти кои работат на намалување на нееднаквоста“ ќе го прифатам нивниот поглед на поп-културата, во однос на веста за сјајот на усни на Ким Кардашијан.

Филантропијата може да биде поврзана со дипломатската моќ и со силата под маска на милосрдието. Но, има неизбежна вистина за одлуката на вториот најбогат човек на светот да го раздаде неговото богатство – фондацијата на Бил Гејтс помогна во спасувањето на милиони животи.

Во поглед на коронавирусот, неговиот пристап претставува брзо вложување на пари на повеќе нивоа. Фондацијата го нарекува тоа „каталитичка филантропија“. За да ги забрза чекорите потребни за пронаоѓање вакцина за светот, на пример, тој финансира изградба на фабрики за производство на седум можни вакцини против коронавирусот, дури иако повеќето од нив пропаѓаат.

Неговите иницијални напори во филантропијата, давајќи компјутери на слабо опремените библиотеки и училишта, го направија можна цел на критики (главно нефер) дека неговите донации се дел од планот за проширување на пазарот за производите на „Мајкрософт“. Гејтс не застана, правејќи од себе експерт за заразни болести. Тој помогна во создавањето на пазар за лекови кои честопати се игнорирани од големите фармацевтски компании.

Првото избивање на заразата, во старски дом на околу 20 километри од куќата на Гејтс во близина на Сиетл, направи тој да зажали зошто не зборувал повеќе за опасноста од пандемии. Тој го предупредил Трамп, пред неговото стапување на функција, за сеизмичките опасности од појавата на пандемија.

Сега, секако, Гејтс е страшило во умовите на поддржувачите на Трамп. Глобалната заедница на антиваксери и негирачи на науката прошири толку многу теории на заговор поврзани со Гејтс со што дезинформациите за него се меѓу најраспространетите невистини за коронавирусот. 

Побезбедниот пат за милијардер кој се обидува да ги избегне предаторите на социјалните медиуми е идиличната безгрижност на богатството. Но, Гејтс кој апелираше до нациите да симулираат „бактериски игри, а не воени игри“ нема да ја преседи пандемијата во безбедноста на неговата јахта. Тој е доволно паметен за да види дека вирусот не избира страни.