Бегалците и мигрантите како темпирана бомба

415
Фото: Игор Бансколиев

ВИРУСОТ СЕ ШИРИ И ПРЕКУ МИГРАНТСКИТЕ МАРШРУТИ

Дали со отварањето на границите и постепеното враќање на животот во нормална повторно се активираат и опасностите од наплив на мигранти и азиланти во нашата земја од Блискиот Исток и од Африка?

Според податоци на граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, објавени неделава по забележителниот пад на мигрантските текови во април, бројот на бегалци што сакаат да стигнат до ЕУ повторно драстично се зголемува преку главните мигрантски маршрути во Европа.

Според Фронтекс, по отварањето на границите биле регистрирани околу илјадници нелегални гранични преминувања, а најактивно користена маршрута, според извештаите, била онаа што водела од Турција кон Грција.

Конкретно Фронтекс на балканската маршрута регистрирал десет пати повеќебројни обиди за илегален премин на грлиците во земјите во мај наспроти периодот во април, кога беа затворени границите за транзит. Дополнително, според граничната служба на ЕУ, во периодот јануари – мај се регистрирани над 6.900 случаи, што е зголемување од 50 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.
Од друга страна, МВР викендов соопшти дека во четири засебни неповрзани случаи се фатени повеќе од стотина мигранти, кои нелегално се обиделе да се движат низ Македонија.

Во неделата, група 16 мигранти од Бангладеш се фатени од страна на граничната полиција, регионален центар Југ, во близината на автобуската станица во селото Удово, Општина Валандово. Истиот ден, во близината на Гевгелија се откриени вкупно 62 илегални мигранти. Од нив 30 се од Авганистан, 20 од Бангладеш, 8 од Пакистан, 3 од Ирак и 1 од Палестина.

Во саботата, пак, полицијата во куќа во кумановското село Ваксинце пронашла 51 мигрант. Според информации на МВР за настанот, бил извршен претрес во домот на Т.Ќ. (59), при што биле пронајдени 51 мигрант, од кои 38 биле од Пакистан, а 13 од Авганистан, дополнително меѓу групата луѓе имало и шест малолетни лица. МВР евидентирало и други случаи поврзани со мигранти.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека очигледен факт е дека заканите од мигрантскиот бран сѐ уште се активни и оти тие немаат намера да стивнат ниту за време на пандемија.

Аналитичарот верува дека домашните власти се активни на терен и го даваат максимумот да ги спречат овие негативни дејства, кои дополнително го зголемуваат ризикот на уште поголемо ширење на вирусот во нашата земја, кој со себе од странски држави можат да го донесат бегалците и мигрантите додека транзитираат кон ЕУ.
Според Стефаноски, конечно завршување на овие случувања ќе може да има во оној момент кога ЕУ ќе разбере дека одлучно треба да го реши проблемот, кој еднакво ги погодува и државите од Унијата и оние од регионот на Западен Балкан.

[email protected]