Барајќи спас, Индонезија одлучи да стане терен за тестирање на кинеската вакцина

200

Ми се смачи да гледам како се справуваме со оваа болест. Само сакам да помогнам на каков и да било начин, вели 27-годишниот микробиолог Абинубли Тарисвафи Маварид, еден од доброволците во Индонезија подготвени да ја примат експерименталната вакцина против ковид-19 на кинеската компанија „Синовак“.

Со околу 250 илјади заразени, Индонезија е втората најпогодена држава во Југоисточна Азија по Филипинитет, а нејзиниот дневен биланс на нови случаи постојано е во пораст од крајот на август.

Малку држави ја прифатија можноста за вакцина како што тоа го стори Индонезија, каде што владата предвидува дека пандемијата ќе втурне уште 4,9 милиони луѓе во сиромаштија, откако веќе предизвика тешки последици за населението од околу 270 милиони.

Во градот Бандунг клиничките испитувања спроведувани од државната фармацевтска компанија „Био Фарма“ беа пречекани со оптимизам. Многумина од 1.620-те жители на Бандунг и на околните градови кои се пријавија за испитувањето на „Синовак“ беа интервјуирани од локалните медиуми. Регионалниот полициски шеф исто така прими вакцина, како и гувернерот, кој го промовираше неговото искуство на Инстаграм. „Био Фарма“ работи со регулаторите за одобрување на вакцината на „Синовак“. Компанијата соопшти дека ќе произведе помеѓу 10 и 20 милиони дози уште пред вакцината да биде одобрена, за да ја зголеми достапноста. А пошироката дистрибуција ќе почне по итното одобрување од државните регулатори. Претседателот Џоко Видодо истакна дека владата цели кон одобрување за „синовак“ како што се нарекува и вакцината, до јануари. Предвидено е првите дози да им бидат дадени на здравствените работници.

Податоците од напредната фаза на тестирањето, како она на „Био фарма“ во Индонезија се сметаат за врвен тест за способноста на вакцината за заштита на луѓето од ковид-19. „Синовак“ тврди дека вакцината немала безбедносни проблеми во првата и во втората фаза од тестирањето, додека „Био фарма“ продолжува да го спроведува тестирањето на вакцината.

– Вакцината е одговор за ставањето крај на пандемијата. Не гледам друг начин – истакна Видодо, кој сепак, е свесен за неизвесноста на процесот.

Неговата администрација ги ангажираше локалните истражувачки институти и универзитети за развој на сопствената вакцина на Индонезија, наречена „црвено-бела вакцина“ по боите на индонезиското знаме, до средината на идната година.

Но, и покрај локалниот оптимизам дека ќе пристигне помош за ставање на вирусот под контрола, уште е нејасно кога ќе биде достапна ефективна вакцина. Здравствените експерти, пак, предупредуваат за безбедностите ризици доколку не се внимава при забрзаниот процес на развој.