Африка не сака да биде лабораторија за тестирање

640

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејесус, го осуди предлогот на француски доктори, кои сугерираа тестирање на потенцијалната терапија за ковид-19 во Африка. Тој ваквите изјави ги нарече „мамурлак од колонијалната ера“, пренесува Си-ен-ен. 

– Бев згрозен од коментарите. Во време кога ни е потребна солидарност, ваквите расистички коментари нема да помогнат – изјави Тедрос на брифинг со медиумите во Женева. 

Неговата изјава се однесува на забелешките дадени од француските доктори Жан-Пол Мира од болницата „Кошан“ во Париз и Камил Лохт, директор на францускиот Национален институт за здравство и медицинско истражување, кои минатата недела гостуваа на француската ТВ програма ЛЦИ, каде дискутираа дали бе-се-же вакцината за туберкулоза би била потенцијална терапија за ковид-19. Лекот клинички се испитува во Холандија и Австралија. Потоа, Мира предложил дека Африка би била идеално место за тестирање на лекот. 

– Зарем не треба да го направиме ова испитување во Африка, каде што немаат заштитни маски, немаат никаков третман, ниту одделенија за интензивна нега? Слично како во испитувањата кои ги правиме за СИДА во места каде што тие не се заштитуваат и постојано се изложени на опасност – изјави Мира.  

– Во право сте, ние планираме паралелни испитувања по ист пристап за бе-се-же вакцината  – вели Лохт.

Разговорот на докторите предизвикал бурни реакции во јавноста. 

– Ваквите предлози не треба да бидат толерирани повторно, без разлика за која земја во светот станува збор. Африканските луѓе не се лабораториски глувци врз кои фармацевстската индустрија ќе прави експерименти без никаква гаранција за нивното здравје – изјавија од „Естрит Д’Ебен“, група која работи со маргинализирани млади луѓе од африканско потекло во Франција. 

Една од најгласните критики на Интернет дојде од страна на пензионираниот фудбалер Дидие Дрогба. 

– Африка не е лабораторија за тестирање. Ги осудувам нивните понижувачки и расистички зборови – напиша тој на Твитер. 

По критиките и осудите на социјалните мрежи, институциите во кои двајцата доктори работат јавно се извинија, по што направија сѐ за да ги исчистат нивните имиња, тврдејќи дека нивниот разговор е земен надвор од контекст и дека во светската борба против пандемијата на коронавирусот, Африка и нејзините народи не треба да бидат исклучени од придобивките на истражувањата.

– Сакам да се извинам на сите кои се чувствуваат навредени од моите зборови што несмасно ги кажав. Овие забелешки воопшто не одразуваат кој и што сум јас, и што работрам веќе 30 години – се зборовите во извинувањето кое го објави болницата Кошан.

Асоцијацијата на адвокати на Мароко ги нарече коментарите на Мира „расистички, дискриминирачки и омразени“ и планира да поднесе формална тужба до францускиот обвинител. 

– Ова ја наруши репутацијата на сите француски доктори кои прават истражувања во Африка. Со нивното појавување на телевизија, нашата репутација е оцрнета – изјави Мариeн Севрaн.