Африканскиот „молотов коктел“ од вируси

1266

Според податоците на Светската здравствена организација, Африка сѐ повеќе е погодена од коронавирусот и „мора да се подготви за најлошото“. Дури 46 африкански држави се контаминирани со ковид-19, при што некои од нив покажуваат нагло зголемување на бројот на заболени. Но специјализирани институции оттаму предупредуваат дека ковид -19 за нив не е најголемата закана

Црниот Континент и ковид-19

Од последните информации во врска со пандемијата на коронавирусот во Африка, на почетокот на месецов беа потврдени 2.500 случаи и вкупно 75 починати, од кои повеќе од половина (42) се од Египет и од Алжир. Фрапантно е што речиси 50 отсто од заразеното население (1.170 луѓе) живее во богатата Јужна Африка, каде што, од друга страна, досега има само еден смртен случај.
Споредувајќи ги статистиките што се однесуваат на неразвиениот свет со оние што доаѓаат од развиениот, природен е заклучокот дека „целна група“ на коронавирусот се економски најразвиените држави во светот!?

Дали ковид-19 е „комунист“?

Точно е дека ширењето на вирусот првпат е забележано во кинеската „црвена тврдина“ Вухан. Меѓутоа, Кинезите тврдат дека тоа не мора да значи и дека е произведен кај нив, обвинувајќи ги Американците за внесување на вирусот во Кина. Најголем сомнеж за селективното дејствување на ковид-19 предизвикаа вестите дека тој ја „прескокнува“ Африка – континентот што во последниве неколку години со Кинезите има поголема економска соработка од кога било порано. За да се разјасни оваа енигма, на големо се пласираат теории од типот: на вирусот не му одговараат африканската клима, генетиката на Африканците или, пак, демографската структура (ковид-19 убива претежно стари лица, а Африка има релативно млада популација). Ниту една од овие теории сѐ уште нема научна поткрепа, но останува фактот дека вирусот „доцнеше“ на овој континент и дека епидемијата таму сѐ уште нема земено голем замав.

И Африка ја критикува тромоста на меѓународната заедница

Оперативниот директор на невладината организација АЛИМА (позната по активностите за сузбивање на епидемијата на ебола), д-р Мумуни Кинда, проблемот го гледа низ многу различна диоптрија. Тој со голема доза огорченост гледа на тромоста и меѓународната инертност околу коронавирусот:
– Штета е што истото тоа не се прави за да се искоренат маларијата или неухранетоста. Меѓународните организации сѐ помалку финансираат, па така и Сахел (важен административен регион во Буркина Фасо) се најде во многу проблематична безбедносна ситуација. Мобилизацијата околу коронавирусот не смее да биде на штета на борбата против болестите во Африка, кои, во споредба со него, убиваат многу повеќе луѓе – смета д-р Мумуни Кинда.
Освен тоа, д-р Кинда потврдува дека податоците за бројот на заболени и починати во Африка што се презентирани во јавноста не се целосно веродостојни. Причини за оваа ситуација се неразвиената инфраструктура, сиромаштијата и изолираноста на многу африкански региони и постојаната мобилност на Африканците во потрага по подобар живот. Најдобар аргумент во прилог на ова претставува фактот дека во богатата Јужна Африка има најголем број потврдени случаи на коронавирус.

Сепак, веројатно не се работи за поголема изложеност на вирусот поради високата развиеност, туку за делотворноста на јужноафриканската дијагностика, која е на исто рамниште со онаа европската. Оттука, најниската смртност со која може да се пофали југот на Африка се должи на квалитетот на тамошната здравствена заштита.
Помеѓу богатите северни и јужни африкански делови се протега огромно пространство нападнато од епидемии, на кое остатокот од светот едноставно има заборавено. Локалното население веќе е навикнато да се справува со овие болести, што, само по себе, го прави поподготвено за борба против коронавирусот, иако секојдневните преокупации му се различни.

Во Африка поголема закана е маларијата отколку коронавирусот

Во моментов, на пример, повеќе од пандемијата ги загрижува недостигот од лекови за маларија, кој настана поради користењето на овие лекови во третманот на инфицираните со ковид-19; тука е и значително зголемениот заразен капацитет на ним добро познатите вируси – еден од нив е вирусот денга, кај кој еден заболен инфицира 11 други луѓе, за разлика од ковид-19, кај кој еден заболен заразува само двајца.
Патем, Африканците развија уште една опасна зависност – чекање помош од страна на развиениот модерен свет. Истиот оној што денес е преокупиран со крајот на ултралибералниот финансиски капитализам – чија криза го попречува економскиот раст – па затоа нема време да се занимава со искоренување на заразните болести во Африка.
Ова резултира со „средба“ меѓу средновековните и современите вируси на почвата на Црниот Континент, комбинација од која настана новиот африкански смртоносен вирусен коктел. Ова е неговиот состав, а прикажан е и процентот на смртност како последица на секој поединечен вирус. Податоците се релевантни, бидејќи доаѓаат од страна на СЗО.


ВИРУС                            СМРТНОСТ
Денга                             0,04 %
Сезонски грип                0,1 %
Хепатитис Б                   0,1 %
Маларија                       0,2 %
Рубеола                         0,7 %
Коронавирус                  3 %
Колера                          3,2 %
Бактерија Е. коли          4 %
Големи сипаници           30 %
Сифилис                        33 %
Ебола                            50 %
Бубонска чума               60 %
Нелекувана туберкулоза 60 %
Нелекуван ХИВ               80 %