„Астра зенека“ ја намалува испораката на вакцини за ЕУ

216

Компанијата „Астра зенека“ соопшти дека почетните испораки на вакцината против коронавирус за земјите на ЕУ ќе бидат помали од предвиденото.

До намалување на испораката на вакцината, која се развива со Универзитетот Оксфорд, доаѓа поради застој во производството.

– Почетните количини ќе бидат помали од првично предвидените, заради намалените приноси на точката на производство во рамките на нашиот европски синџир на снабдување – соопшти портпаролот на компанијата во писмена изјава, одбивајќи да даде детали.

Тој додаде дека компанијата ќе ги снабдува земјите од ЕУ со десетици милиони дози во февруари и март, бидејќи продолжува да ги зголемува количините на производство.

Претходно, германски „Билд“ објави, повикувајќи се на извори од компанијата, дека „Астра зенека“ ја известила Европската комисија дека на почетокот нема да може да ги испорача договорените количини на вакцини за коронавирус, откако доби одобрение за употреба во блокот, што се очекува кон крајот на јануари.