„Астра зенека“ го возвраќа ударот

439

Фармацевтската компанија „Астра зенека“ ѝ се спротивстави на Европската Унија по прашањето на вакцинацијата, реагирајќи на заканите за нејзиниот бизнис. „Астра зенека“ порача дека европскиот блок мора да преземе одговорност за одлагањето во процесот на вакцинација, објавува „Блумберг“.

Коментарите од првиот човек на „Астра зенека“ Паскал Сорио, доаѓаат додека владите и компаниите од ЕУ се подготвуваат да разговараат за ова прашање на видео-конференција која е предвидена за вечерва.

Европската комисија бара фундаментални информации за плановите на „Астра зенека“ за достава на вакцини во првата половина од годинава, според познавачите на состојбите.

Тензиите се зголемија откако „Астра зенека“ предупреди за можен застој во производството на вакцини во фабриката во Белгија. ЕУ одговори гневно, наведувајќи дека ќе го надгледува извозот на вакцини, а Германија сигнализираше поддршка за идејата за наметнување на ограничувања на продажбата на вакцини надвор од ЕУ.

Но Сорио во неодамнешно интервју ја префрли вината врз ЕУ. Тој кажа дека компанијата има договор во кој не е прецизирано количеството на вакцини кое треба да го испорача. А тоа, наводно, е затоа што ЕУ инсиситирала да ја добие вакцината на „Астра зенека“ истовремено со Велика Британија, и покрај тоа што нарачката била направена три месеци подоцна.

Сорио додал дека штом „Астра зенека“ добие одобрување од европските регулатори, кое се очекува во наредните денови, таа веднаш ќе испорача најмалку три милиони дози вакцини, со што цел ќе биде испораката на 17 милиони дози до февруари.

Тоа би можело да помогне во забрзувањето на вакцинацијата во ЕУ која засега се одвива бавно во споредба со кампањите во САД и во Велика Британија, според податоците на „Блумберг“ за следење на вакцинацијата.