Австралија почна со тестирање на две потенцијални вакцини против коронавирусот

305

Научници од Австралија почнаа со тестирање на две потенцијални вакцини против новиот коронавирус, што може да биде голема пресвртница која би можела да означи крај на пандемијата, објави Би-би-си.

Светската здравствена организација (СЗО) одобри тестирање на животни на две вакцини кои се развиени на Универзитетот Оксфорд и од американската компанија Inovio Pharmaceutical.

Австралиската национална научна агенција ќе процени дали вакцините се делотворни и дали се безбедни за луѓето.

Првото тестирање на вакцина против ковид-19 почна во САД минатиот месец, но фазата на тестирање врз животни беше прескокната.

Моментно во светот постојат и други вакцини кои се во фаза на тестирање и кои се развиваат со исклучителна брзина.

Австралиската организација на Комонвелтот за научно и индустриско истражување ЦСИРО соопшти дека нејзиното тестирање ќе биде прво сеопфатно предклиничко испитување на вакцините над животни.

Истражувачите велат дека брзината и нивото на глобална соработка кои довеле до оваа фаза се без преседан.

– Вообичаено се потребни околу една до две години за да се дојде до овој момени, а ние го скративме периодот на неколку месеци – рекол Роб Гренфел од ЦСИРО.

Во светот се развиваат уште 20 различни вакцини против ковид-19, но овие две се во најнапредна фаза на тестирање досега.