Потребна ни е годишна вакцина и интензивно работиме на тоа, вели извршниот директор на „Фајзер“ Алберто Бурла во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, пренесува МИА.

Бурла објаснува дека повторувањата на дозите се заморни за луѓето и го намалуваат нивото на вакцинација.

-Во овој момент, во средина со „Омикрон“ не е сигурно дека имунитетот од постоечката вакцина ќе трае една година, дури и по четвртата доза. Не е сигурно ниту за новата вакцина која ќе ги покрие сите мутации. Но, знаеме што можеме да направиме за да создадеме годишна вакцина. И на овој дел работиме многу интензивно-истакна извршниот директор на „Фајзер“.

Дополнително изрази надеж дека набргу ќе биде готова новата вакцина што ќе ги покрива и мутациите и додаде дека е реална целта тоа да се случи пред следната зима.

Говорејќи за третата и четвртата доза, рече дека постои огромна разлика меѓу оние кои не примиле бустер доза, за која истакнува дека дефинитивно е потребна, но и ако е поминато многу време по третата, треба да се прими и четврта доза.

Тој истакна дека следната година животот на луѓето ќе биде блиску до нормалата пред пандемијата, објаснувајќи дека тоа не е само поради вакцините или фактот дека луѓето се уморни, туку затоа што сега постојат терапии, кои не се однесуваат само на последните фази, односно тешко болните.

– Веќе имаме терапии за сите. Ако се разболиш од ковид, можеш да земеш апче и да избегнеш болница, каде што веќе ќе се прима еден од десет што се хоспитализираат сега. Разликата е огромна и во голема мера ќе ги намали сериозноста на симптомите, приемите во болница и смртните случаи-вели Бурла.