Фото: Приватна архива

Според најновите критериуми на Центрите за контрола на болести на САД, кои водат сметка за ризиците за преоптеретување на болниците, се наоѓаме во ниското (зелено) ниво на ширење на ковид во заедницата

Подваријантата БА.2 на омикрон сојот на коронавирусот повторно предизвика раст на бројот на заболени од ковид-19 речиси секаде низ Европа, а особено во земјите од регионот, како Србија и Грција.

Но, тоа не треба да биде сериозна причина за загриженост и воведување нови рестриктивни мерки, смета епидемиологот Драган Даниловски.

Тој оценува дека иако подваријантата БА.2 на омикрон е за околу 30 проценти попренослива од БА.1, сепак сегашната тенденција, освен раст на новите случаи, не покажува и зголемен процент на хоспитализации.

– Европа ги укина мерките брутално, од премногу рестриктивни до тотално лабави. Логична последица е појава на „повратен ефект“, што се манифестира со брз пораст на бројките по нагло попуштање на мерките. Тие би требало да се ревидираат само ако се заканува преоптоварување на болничките капацитети, а тоа не е случај – вели епидемиологот.

Според него, кај нас, „повратен ефект“ нема и не можеше ни да се случи, зашто радикални рестрикции никогаш не сме ни имале.

– Заради тоа, епидемијата непречено си го следеше својот природен тек. По цена на голем број жртви. Се регистрираше само стагнација на бројот на позитивни случаи, почнувајќи од 14 март (седумдневната подвижна средина беше 260 случаи), а од 25 март повторно имаме благо опаѓање (седумдневната подвижна средина е 245). Во болниците има само околу стотина хоспитализирани, а бројот на смртни случаи е во постојано опаѓање (седумдневната подвижна средина на 28 март беше 3) – објаснува проф. Даниловски.

Тој потенцира дека според најновите критериуми на Центрите за контрола на болести на САД, кои водат сметка за ризиците за преоптеретување на болниците, се наоѓаме во ниското (зелено) ниво на ширење на ковид-19 во заедницата.

– Причини за загриженост нема. Сепак, препорачливо е старите лица и хронично болните и понатаму да носат маски во затворен простор. И да примат трета доза вакцина – советува епидемиологот.

До вчера, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја, од почетокот на епидемијата, изнесуваше 305.114, бројот на оздравени пациенти е 294.072, на починати е 9.208, а бројот на активни случаи беше1.834.