Фото: Игор Бансколиев

Швајцарија од понеделник ќе ги заостри анти-ковид мерките во обид да го спречи петтиот бран на пандемијата и да го спречи ширењето на ковид-варијантата oмикрон.
Новите мерки во Швајцарија, се нарекуваат 2Г, од германските зборови „genesen“ (излекуван) и „geimpft“ (вакциниран).
Мерките ќе опфаќаат строго ограничување на пристапот на невакцинираните лица на јавни места и обврска за работа на далечина, соопшти федералната Влада.

„Само на вакцинирани или луѓе кои прележале сега ќе им биде дозволен влез во ресторани, културни објекти и спортски и забавни објекти, како и на настани во затворен простор“, се вели во соопштението на Федералниот совет.

Со приближувањето на божиќните празници, кои во Швајцарија вообичаено се слават во кругот на семејството, приватните собири ќе бидат ограничени на 10 лица, меѓу кои и деца, доколку еден од гостите кој наполнил 16 години не е вакциниран или не прележал.

Според федералните власти, овие мерки треба да го спречат ширењето на заразата меѓу невакцинираните луѓе, „бидејќи полесно го пренесуваат вирусот и имаат поголема веројатност да наидат на компликации кога ќе се заразат“.